Под мотото „Пат на заздравување“ седумчлена делегација од градот Гетеборг во Шведска пристигна во Кочани и ќе даде своја поддршка по трагичниот пожар во клубот „Пулс“.
Во тимот има социјални работнички, пожарникари и преживеани од сличен пожар во дискотека, што се случил во Шведска, а во контакти со семејствата на настраданите и со граѓаните на Кочани тие ќе ги пренесат сопствените искуства од заздравувањето и од рехабилитацијата по несреќата.
Активностите се Иницијатива од луѓето за луѓето иницирана и поддржана од Амбасадата на Кралството Шведска и „Europe House“, а во реализација на Центарот за психосоцијална и кризна акција „Малинска“, со поддршка од Општина Кочани и „Супорт Кочани“ (SupportKocani).
На промоцијата на Програмата во Кочани, Розбех Асланиан, член на Делегацијата од Гетеборг нагласи дека искуствата од вакви трагедии се слични, а иако се случиле во 2 различни држави, болката и последиците се исти.
– Трагедија од вакви размери претставува траума не само за настраданите и за нивните роднини, туку и за општеството во целина. Луѓето во тимот од Гетеборг не се експерти, ниту професионалци, туку нормални човечки суштества кои биле во ситуација да ги почувствуват болката и страдањата што и вас ве погодија. Тие ќе ги споделат своите искуства за надминување на последиците, а како што вели Ларс Ренмарк, „ако не ја искористиме нашата трагедија за да им помогнеме на другите, таа ќе остане само трагедија“ – истакна г. Розбех Асланиан, член на Делегацијата од Гетеборг.
В.д. градоначалникот Венко Крстевски изрази благодарност за поддршката во име на граѓаните на Кочани и до семејствата на настраданите.
– Три месеци Кочани живее во длабока емотивна криза, психичка криза и криза во управувањето со секојдневието. Процесот на закрепнување е подлабок и подолготраен отошто можеме да си замислиме. Добро е што не сме осамени на тој пат, кој жителите на Гетеборг го поминале пред 27 години, а со искуствата – стекнати во тој процес – очекуваме да ни помогнат. Затоа, ви благодариме на сите, особено на Кралството Шведска, за програмата за поддршка на настраданите во пожарот, за организацијата и за реализацијата на активностите со кои заеднички ќе забрзаме по патот на заздравувањето – истакна Крстевски.
Шведската делегација во Кочани ќе има тридневни активности со споделувања искуства, отворени и затворени сесии и со јавна панел дискусија. За потребите на граѓаните и на семејствата на настраданите ќе биде поделен преводот на книгата „Како редење сложувалка“ чиишто автори биле дел од трагедијата во Шведска, а во која се собрани искуствата и случувањата по трагичниот настан.
На 29 октомври 1998 година во дискотека во Гетеборг се случил пожар со сличен трагичен исход како и во „Пулс“. На забавата присуствувале 375 луѓе, иако имало капацитет за 150, а притоа загинале 63 млади лица и 213 биле повредени.