Background

Премиерот и во Брисел побара прво да се договори Акцискиот план за малцинствата

Премиерот Христијан Мицкоски очекува Европската комисија да го препознае напредокот на Македонија во исполнувањето на обврските од Реформската агенда и да ѝ стави на располагање дополнителни 75 милиони евра преку Планот за раст за Западен Балкан. Тој најави и дека наскоро македонските граѓани би можеле да ги користат телекомуникациските услуги во земјите од Европската Унија без дополнителни трошоци за роаминг.

Мицкоски денеска, при пристигнувањето на Самитот ЕУ – Западен Балкан во Брисел, изјави дека Владата ги исполнува обврските што произлегуваат од Реформската агенда, но дека билатералните прашања не се дел од тие обврски.

– Ние континуирано зборуваме дека испорачуваме, испорачуваме тоа што се бара од нас, а е дел од Реформската агенда. Ние не испорачуваме билатерални прашања, но сè што се однесува на системот заснован на заслуги го испорачуваме. Јас тоа го зборувам цело време. Денеска очекувам дека сето тоа ќе биде препознаено од Европската комисија – рече Мицкоски.

- Advertisement -
Ad image

Во врска со најавата за дополнителни 10 проценти од средствата во рамките на Планот за раст, премиерот појасни дека станува збор за уште 75 милиони евра, над веќе предвидените 750 милиони евра.

– Ова што го споменувате, за тој дополнителен дел или таканаречен „top-up“ од сегашните 750 милиони, дополнително уште 10 проценти, односно 75 милиони евра ќе бидат ставени на располагање. Се разбира, ќе имаме дополнителни чекори што ќе треба да ги завршиме до крајот на овој проект – рече Мицкоски.

Како значајно прашање за граѓаните го посочи и приклучувањето кон европскиот модел „Roam Like at Home“, со кој корисниците ќе можат да разговараат и да користат телекомуникациски услуги во земјите од ЕУ по домашни тарифи, без дополнителни трошоци за роаминг.

Мицкоски истакна дека Македонија веќе го завршила формалниот технички дел од процесот и дека е првата земја што го направила тоа. Во текот на оваа и следната недела се очекува техничките обврски да ги завршат и Црна Гора, Албанија и Србија.

На прашањето дали има промена во позицијата на Владата во однос на билатералните прашања, Мицкоски одговори дека нема промена и дека нема да има сè додека тој е претседател на Владата.

Во однос на уставните измени и можноста за приближување на ставовите со Европската Унија, Мицкоски повтори дека Владата е подготвена за разговори, но дека приоритет треба да биде постигнувањето договор за Акцискиот план за малцинствата.

Тој посочи дека дури и ако се направат уставните измени, што, како што нагласи, нема да се случи, останува прашањето за Акцискиот план.

– Ние сме подготвени да разговараме. Ние прво треба да разговараме за Акцискиот план. Тоа сум го кажувал многу пати во минатото и ќе го повторам и денес. Утре да одлучиме да го промениме Уставот, што нема да се случи, но хипотетички, повторно пред нас имаме пречка, а тоа е Акцискиот план за малцинствата – рече Мицкоски.

Тој додаде дека Владата веќе доставила предлог за ова прашање и дека смета оти најпрво треба да се постигне договор за Акцискиот план.

– Мислам дека е суштински важно најпрвин да зборуваме за Акцискиот план за малцинствата. Ајде тоа да го договориме, бидејќи 26 земји членки немаат против, само една има против, па дури потоа да видиме дали има простор да разговараме за што било друго – истакна премиерот.

Говорејќи за поширокиот контекст на проширувањето на ЕУ, Мицкоски посочи дека очекува на Самитот да се разговара и за буџетот наменет за земјите кандидатки, како и за промени во пристапот на Унијата кон Западен Балкан.

– Во последно време слушате пораки од ЕУ, но исто така би сакале да видиме и да слушнеме нешто и за Западен Балкан. Не би сакал однапред да најавувам ништо. Ќе видиме и ќе разговараме повеќе за проширувањето на ЕУ и за буџетот наменет за земјите кандидатки. Се разбира, буџетот за земјите членки е од исклучително значење, но исто така очекуваме и одредени промени во пристапот кон Западен Балкан – рече тој.

Одговарајќи на прашањето дали актуелната геополитичка состојба ја прави интеграцијата на Западен Балкан поважна од кога било, Мицкоски порача дека регионот не треба да се потценува и дека е составен дел од Европа.

– Западен Балкан е врата на Европа и е дел од Европа. Ве молам, не го потценувајте потенцијалот на Западен Балкан. Ние ѝ припаѓаме на Европа. Нашите граѓани се навистина фрустрирани поради тоа што предолго чекаат во нејзиниот двор. Конечно, сакаме да го заслужиме своето место на заедничката маса, врз основа на пристапот заснован на заслуги – рече Мицкоски.

Лидерите на Европската Унија и на земјите од Западен Балкан денеска во Брисел одржуваат Самит посветен на европската перспектива на регионот, забрзувањето на процесот на проширување, спроведувањето на реформите и зајакнувањето на безбедносната и политичката соработка во услови на сложени геополитички околности.

Самитот, деветти по ред, го организираат претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. На него учествува и еврокомесарката за проширување, Марта Кос.

Како што најавија европските институции, средбата е можност ЕУ повторно да ја потврди својата посветеност на членството на земјите од Западен Балкан, но и да ги повика регионалните партнери да ги забрзаат реформите и да ги исполнат преземените обврски на патот кон Унијата.

Во фокусот на разговорите се и напредокот во постепената интеграција на регионот во европските политики и единствениот пазар, спроведувањето на Планот за раст за Западен Балкан, регионалната соработка, добрососедските односи и помирувањето.

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, пред Самитот порача дека иднината на Западен Балкан е во Европската Унија, нагласувајќи дека пристапувањето на регионот е заедничка амбиција и важна геополитичка инвестиција во актуелните турбулентни времиња.

ЗА НАС

ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.

© 2025 OhridSky. Сите права задржани.

Login to enjoy full advantages

Please login or subscribe to continue.

✖

Go Premium!

Enjoy the full advantage of the premium access.

✖

Stop following

Unfollow Cancel

✖

Cancel subscription

Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.

Go back Confirm cancellation

✖