Пониските цени на горивата во Македонија во однос на дел од соседните земји привлекуваат дополнителен број возачи од регионот, што придонесува за зголемување на вкупната потрошувачка на нафтени деривати во земјава. Според претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Ацо Ристов, растот особено се забележува кај дизелот и бензините, а не се должи исклучиво на домашната потрошувачка.
Ристов во интервју за 4ТВ посочи дека РКЕ нема прецизен механизам со кој би можела да ја раздвојува домашната од таканаречената „извезена“ потрошувачка, но податоците покажуваат значителен пораст.
– Не можеме да направиме раздвојување што значи домашна потрошувачка и да кажеме – ова е извезена потрошувачка. Меѓутоа, имаме параметри дека многу е зголемена потрошувачката на гориво – рече Ристов.
Според него, дел од зголемената потрошувачка е резултат на возачи од соседните земји кои доаѓаат во Македонија за да наполнат гориво поради пониските цени.
– Не е тоа последица на домашното трошење, туку баш она на пограничното трошење – изјави Ристов.
Како дополнителен фактор во летниот период го посочи транзитот на патници низ земјава. Возачите кои патуваат низ Македонија, според него, имаат интерес да ги наполнат резервоарите во земјава, особено поради ценовната разлика во однос на Србија, Грција и други држави од регионот.
Зголемената продажба на горива има влијание и врз државниот буџет, бидејќи преку даноците и акцизите се обезбедуваат дополнителни приходи. И покрај намалувањето на акцизите и ДДВ, Ристов очекува до крајот на годината да бидат остварени значителни приходи од овој сегмент. На тоа, како што објасни, влијаат зголемената потрошувачка, но и повисоките цени на горивата во одредени периоди.
– Од секој литар нафтен дериват, од 25 до 35 денари е бенефитот за државата, односно за полнење на буџетот. Доколку имате поголема потрошувачка, имате повеќе приходи – рече Ристов, оценувајќи дека досегашните мерки во однос на цените на горивата се менаџираат во услови на зголемена потрошувачка.
Tagged as:
ПОНИСКИТЕ ЦЕНИ НА ГОРИВАТА ВО МАКЕДОНИЈА „МАГНЕТ“ ЗА ВОЗАЧИТЕ ОД СОСЕДСТВОТО
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
