Пит Дејвидсон, 32-годишниот американски комичар и актер, во интервју за „Variety“ отворено зборува за најтешкиот период од својот живот. Дејвидсон стана познат како член на екипата на „Saturday Night Live“, а подоцна привлече огромно медиумско внимание и поради врските со познати жени, меѓу кои Аријана Гранде и Ким Кардашијан. Во најновото интервју за „Variety“, тој откри колку сериозен станал неговиот проблем со дрогата.
Дејвидсон раскажа дека во најтешкиот период користел кетамин, ЛСД, печурки, „whippets“ – односно вдишување азотен оксид – пушел марихуана во текот на целиот ден и секојдневно земал апчиња. За кетаминот откри дека набавувал течна форма и самиот го „готвел“.
– Стана страшно затоа што не се чувствував хај. Се чувствував така кога не земав ништо и тогаш си реков: ова е огромен проблем – раскажа Дејвидсон.
Тој вели дека дошол до дното во летото 2023 година, во периодот по премиерата на „Bupkis“, серија инспирирана од неговиот живот, во која тој се појавува во главната улога како фикционализирана верзија на самиот себе. Според него, постојаното враќање кон најтешките моменти од минатото и чувството дека постојано живее во сопствените проблеми дополнително го туркале кон дрогата.
Пресвртот се случил по разговор со неговата мајка Ејми. Таа му кажала дека нејзиниот најголем страв е еден ден да се разбуди и на вестите ќе слушне дека нешто лошо му се случило.
– Стигнав до точка кога повеќе не можев да ѝ го правам тоа – раскажа тој.
Дејвидсон потоа заминал на рехабилитација и се откажал од „Bupkis“, иако серијата била обновена за втора сезона. Тој признава дека претходно повеќепати одел на рехабилитација, но овојпат пристапил поинаку – сакал да престане поради себе, а не заради туѓите очекувања или работата.
– Кога наполнив 30 години и бев таму, ништо посебно не се случуваше со мојата кариера и си реков: ова е ужасно, не можам повеќе – раскажа комичарот.
Денес, Дејвидсон вели дека е трезен, со исклучок на околу четири пива годишно. Тврди дека две до три години не користи тешки дроги, а повеќе од една година не пуши ниту марихуана. Токму откажувањето од марихуаната, вели тој, му било најтешко.
Голема промена во неговиот живот е и тоа што во декември 2025 година стана татко на ќерката Скоти, која ја доби со поранешната партнерка Елси Хјуит. Дејвидсон вели дека татковството му ја олеснило одлуката да остане подалеку од дрогата. Кога ќе му се појави искушение, како што објаснува, само ја погледнува фотографијата од ќерка му на телефонот и се потсетува зошто не сака да се врати на стариот живот.
Дејвидсон и претходно јавно зборувал за зависноста. Во април годинава, за време на снимањето на своето шоу, рекол дека од почетокот на кариерата бил сериозно зависен од дрога и дека не се сеќава на голем дел од тој период. Во 2023 година, по една од неговите посети на рехабилитација, зборувал и за долготрајната употреба на кетамин.
Tagged as:
ЛСД ПЕЧУРКИ И АПЧИЊА И ПУШЕЛ ТРЕВА ПИТ ДЕЈВИДСОН СЕКОЈ ДЕН ЗЕМАЛ КЕТАМИН
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
