Педесет и девет лица загинаа во пожарот што се случи ноќеска во дискотеката „Пулс“ во Кочани, соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во Кочани.
Загина и еден полицаец од полициската станица во Пробиштип, кој бил во дискотеката по претходно изготвен план за присуство на малолетници во дискотеката.
– Овој полицаец требало да биде награден за најдобар полицаец за територијата Пробиштип. Загина при вршење на контрола за евентуално откривање дрога и малолетници – рече Тошковски.
Триесет и пет од загинатите лица се идентификувани, од нив 31 се од Кочани, а 4 од Штип. Повредени се 155 лица кои се распоредени низ болниците во земјава.
Распишана е потерница по четворица.
– Чувствувам морална одговорност – додаде Тошковски на новинарско прашање.