Новата кадровска рокада која ја направи рускиот претседател Владимир Путин може да сигнализира кој ќе биде неговиот наследник за шеф на државата, пишува независниот руски портал Медуза. Порталот го коментира најновото назначување на Николај Патрушев за помошник на Путин.
Откако ја доби новата функција Патрушев изненади со својата изјава дека Украина би можела „да престане да постои“ во 2025 година за прокремљскиот весник „Комсомолскаја правда“.
Тој, всушност, одговори на претходната изјава на новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, кој уште во изборната кампања на избрите во САД се пофали дека може да ја заврши војната во Украина за 24 часа.
Патрушев до неодамна беше секретар на рускиот Совет за безбедност, а на негово место ќе дојде поранешниот министер за одбрана Сергеј Шојгу.
Патрушев е и поранешен директор на Федерлната служба за безбедност. Тој е дел од „силовиките“, моќни функционери во врвот на Русија кои добиваат позиции кои често ротираат. Сега Патрушев е назначен за десна рака на Путин заедно со Алексеј Дјумин, поранешен телохранител на рускиот претседател и актуелен гувернер на Тула.
Во интервјуто Патрушев најпрвин нагласи дека Русите чувствуваат „братска“ врска со Украинците поради „вековните врски со Русија“, пред да рече дека уништувањето на градовите во Украина е предизвикано од „присилното наметнување на неонацистичката идеологија и неконтролираната русофобија“.
Патрушев, исто така, ги критикуваше молдавските лидери во Кишињев за нивната „антируска политика“ и рече дека Молдавија исто така може да престане да биде држава.
– Не исклучувам дека агресивната антируска политика на Кишињев ќе резултира со тоа Молдавија или да стане дел од друга држава или целосно да престане да постои – рече тој.
Министерството за надворешни работи на Молдавија остро реагираше на изјавата велејќи дека неговите коментари се „неприфатливо мешање во внатрешните работи на земјата и насочени кон дестабилизација на регионот“.