Новите поразителни бројки ја потврдуваат лошата состојба во рударската индустрија во Македонија. Овој сектор забележува двоцифрен пад од нешто над десет проценти, што влијае и на севкупната слика за индустриското производство во земјава. Според последните податоци, индустриското производство во август 2026 година е намалено за 1,9% во однос на август 2025 година, но најголем пад регистрира токму рударството.
„Индустриското производство во секторот Рударство и вадење камен во август 2026 година, во однос на август 2025 година, бележи опаѓање од 10,1%“, соопшти Државниот завод за статистика.
Паралелно стрмоглаво паѓа и бројот на рудари. Падот на вработените во рударството силно се одразува и на негативната слика од целосната бројка за вработени во индустријата. Бројот на работниците во индустријата е намален за 3,0% во август 2026 во однос на август 2025 година, но на ваквиот просек најнеповолно влијаело рударството.
„Бројот на работниците во август 2026 година, во однос на август 2025 година, во секторот Рударство и вадење камен се намалил за 8,0%“, покажуваат податоците.
Од друга страна, постојат и инвестиции во рударски проекти кои би овозможиле стотици нови работни места, зголемување на македонскиот извоз и генерално економски развој, а чекаат да стартуваат. Во научната студија „Анализа на индустријата за критични суровини во Северна Македонија“, од универзитетските професори Драги Пелтечки, Горан Јованов и Стојанче Мијалковски се истакнува и проектот за бакар во Иловица, како еден од напредните проекти.
„Северна Македонија има неколку карактеристики што ја прават релевантна за оваа дискусија. Земјата располага со активни рудници во Саса, Злетово, Тораница, Бучим и Боров Дол; го задржува големиот комплекс за фероникел во Кавадарци; и поседува низа напредни проекти за бакар-злато и полиметали, како што е Иловица-Штука“, пишува во анализата.
Дополнително, во текстот се додава дека бакарот е директно релевантен за минералната економија на Македонија и е експлицитно вклучен во стратешката Листа на критични минерали на Европската Унија. Според анализата, за земјите од Западен Балкан кои се кандидати за членство во ЕУ, овој нов политички контекст е од големо значење: тој ја зголемува стратешката вредност на нивните минерални ресурси, но истовремено ги заострува и барањата во однос на квалитетот на управувањето, еколошките перформанси и пазарната интеграција.
„Истовремено, земјата ги одразува многубројните противречности својствени за рударските економии од периферијата. Таа настојува да привлече странски директни инвестиции, но истовремено ги изложува инвеститорите на административна неизвесност; поседува рударска традиција, но се соочува со слаба доверба од страна на локалното население во однос на експлоатацијата од голем обем; и учествува во процесот на европско приближување, додека сè уште се потпира на институционални механизми кои не успеаја да обезбедат предвидлив, транспарентен и општествено легитимен развој на проектите“, се потенцира во студијата.
Од друга страна, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини соопшти дека бил одржан координативен состанок со претставници на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и Геолошкиот завод, на кој била истакната потребата од системски пристап кон критичните минерални суровини, имајќи го предвид нивното растечко значење за енергетиката, новите технологии и економскиот развој. Тие разгледале иницијатива за подготовка на Програма за истражување на критичните минерални суровини, преку која би се дефинирале приоритетите и идните активности за истражување на нивниот потенцијал во државата со вклучување на стручните и научните капацитети на Факултетот за природни и технички науки при УГД.
Tagged as:
готови проекти како Иловица чекаат одобрение Падот е двоцифрен рудари сѐ помалку
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
