Мистериозни лица облечени во одори на калуѓерки, со бели маски на лицата, кои во последните недели се појавуваат на улиците во градовите низ Србија, ги вознемирија граѓаните, особено родителите и децата, пишуваат српски медиуми.
Иако на социјалните мрежи се проширија различни теории за нивното потекло, се покажало дека станува збор за вирален тренд од Тикток, чија цел е да предизвика страв и да собере прегледи и лајкови.
Граѓани пријавувале појава на мистериозните фигури во повеќе градови, меѓу кои Инѓија, Рума, Зрењанин, Ниш, Белград и Чачак. Според сведочењата, маскираните лица се појавуваат ноќе, се кријат на темни места и ненадејно истрчуваат пред минувачите, особено во близина на училишта, градинки и паркови.
За овој феномен за српската телевизијата „Прва“ зборуваше Катарина Јонев, која со години се занимава со безбедноста на децата на интернет. Таа предупреди дека ваквите содржини не се безопасна забава и дека можат да остават сериозни последици кај најмладите.
– Ова навистина ги загрижи родителите низ Балканот, но и во Србија, со оглед на тоа што трендот кај нас доживеа вистинска експанзија. Сè повеќе родители реагираат затоа што млади лица се облекуваат во одори на калуѓерки, ставаат маски, се кријат на темни места, зад контејнери или дрвја, а потоа истрчуваат и ги плашат децата. Тие снимки се достапни на Тикток и се проследени со морничава атмосфера. Децата сè почесто ги гледаат – објасни Јонев.
Дополнителна забуна предизвикаа приказните што се ширеа на социјалните мрежи, според кои зад сето тоа можеби стои некоја мистериозна секта.
– Медиумите почнаа да известуваат кога се појавија „гроки“ или „грокици“, како што ги нарекуваат на социјалните мрежи, со тврдења дека можеби станува збор за секта – рече Јонев.
Таа објасни дека трендот е поврзан со хорор-содржини и имитирање лик од филм, а првично се појавил во Мексико, од каде што се проширил и во другите делови на светот.
– Целиот мит е поврзан со хорор-филм, а пред сè со Мексико, каде што постои култ кон мртвите. Се имитира ликот кој е главен во тој филм. Трендот најпрво се појавил во Мексико, но се проширил низ светот и стигна и кај нас. Морам да нагласам, заради родителите, дека навистина нема никакви докази дека станува збор за дејствување на секта. Тоа, сепак, не го менува фактот дека ваквите снимки ги плашат децата, кај нив предизвикуваат збунетост и страв, а потенцијално можат да остават и трауми – предупреди таа.
Станува збор за имитирање на Валак, демонската калуѓерка од хорор-франшизата „The Conjuring“, која е главен лик во филмот „The Nun“ (Калуѓерката) од 2018 година, како и во неговото продолжение „The Nun II“ од 2023 година. Валак е претставена како застрашувачка фигура во црна монашка облека, со бело лице и темни очи.
Според родителите, доволно е детето да види ваква снимка на телефонот на другарче или во групите во кои разменуваат содржини, па да стане вознемирено и исплашено.
Особено загрозени се помалите деца, кои поради возраста и емоционалниот развој потешко разбираат дека станува збор за инсценирани ситуации. Кај нив може да се појави страв самостојно да излегуваат на улица, да се враќаат од училиште или да престојуваат во паркови.
Еден од проблемите е и тоа што некои деца не го доживуваат овој тренд како закана, туку како забава и можност да станат дел од популарна содржина. Некои дури сакаат и самите да снимат слично видео за да не бидат отфрлени од друштвото.
Јонев смета дека родителите не треба да се концентрираат само на овој тренд, туку да разговараат со децата за сите потенцијално штетни содржини на интернет.
– Кога зборуваме за чувствителни содржини на интернет, „гроке“ се тренд кој е особено актуелен во моментов, но со години се соочуваме со тоа дека децата се изложени на бизарни и застрашувачки содржини. Родителите не треба да се фокусираат само на овој тренд, бидејќи во иднина може да се појави нешто уште побизарно – истакна таа.
Според неа, клучни се комуникацијата и индивидуалниот пристап кон секое дете.
– Важно е родителот да го познава своето дете, начинот на кој реагира, неговата емоционална стабилност и однесување. Врз основа на тоа треба да го осмисли разговорот: Дали ги виде овие снимки? Како се чувствуваше? Дали се исплаши? Родителот треба да најде начин да го смири детето.
Таа додаде дека децата треба да знаат дека во секој момент можат да им се обратат на родителите ако забележат нешто необично или се најдат во ситуација што ги плаши.
– Ако случајно видиш некого во паркот како се крие зад дрво, слободно јави ми се. Важно е децата да знаат дека се безбедни и дека секогаш можат да сметаат на родителите – порача Јонев.
Особено загрижува податокот дека на ваквите содржини се изложени и деца од најниските одделенија во основното образование.
– Ми се јавуваат родители и ми кажуваат дека на вакви содржини се изложени деца на возраст од седум и осум години. Многу деца дури сакаат „гроке“ да дојдат во нивното маало, а причината е што сакаат да бидат дел од трендот кој стана многу популарен – наведе Јонев.
Таа оцени дека во основата на овој феномен е желбата за популарност на социјалните мрежи, собирање лајкови и привлекување внимание, но дека особено проблематично е тоа што во овој случај на мета се децата и младите.
– Ова е класична приказна за трка по лајкови и привлекување внимание. Но, овојпат проблемот е во тоа што на мета се децата и младите. Последиците можат да бидат сериозни, пред сè кога станува збор за нивната емоционална стабилност – предупреди Јонев.
Таа ги повика родителите да разговараат со децата, да следат на какви содржини се изложени и да ги научат да не учествуваат во предизвици што можат да ја загрозат нивната или туѓата безбедност. Нагласи дека ниту еден лајк, преглед или популарност на социјалните мрежи не се вредни за вознемирување на други деца.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
