Background

Одбележан Денот на Армијата во Охрид, потенцирана важноста во зачувување на државниот суверинитет, најавени нови инвестиции и нов колективен договор

18-ти Август е ден кога ја потврдуваме нашата припадност, нашата одговорност и нашиот завет кон татковината. Заветот да ја чуваме слободата, да го браниме суверенитетот, да ја штитиме независноста. Денешниот ден е ден од кога ја славиме воената професија, професија која се темели на чест, дисциплина, одговорност, лојалност, професионализам и патриотизам. Тоа се вредности по кои  секојдневно се препознаваме, вредности кои се во генетскиот код на секој припадник на Армијата, рече во обраќањето, по повод одбележувањето на 18-ти Август Денот на Армијата во Кампот за обука на вода во Охрид, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски.

На централната свеченост присуствуваа претседателката и врховен командант на Вооружените сили, Гордана Сиљановска-Давкова, министерот за одбрана Владо Мисајловски, претседателот на Собранието Африм Гаши, премиерот Христијан Мицкоски, министри и пратеници, генерали и високи офицери, поранешни министри за одбрана и началници на Генералштабот, пензионирани генерали, претставници на локалната самоуправа, организации со кои соработува Армијата…

Денеска е денот кога се поклонуваме пред знајните и незнајните македонски синови и ќерки чијашто жртва е вградена во темелите на нашата држава. Нивната жртва не е само наследство од минатото, таа е обврска за сегашноста и аманет за иднината. ​Денес, овде во Охрид, во срцето на нашата татковина, со посебна почит се враќаме на историскиот пат на македонската војска. На 18-ти август 1943 година, недалеку од овде, на Славеј Планина, беше формиран баталјонот „Мирче Ацев“, првата регуларна воена единица на Народноослободителната војска на Македонија. ​Тогаш тие беа подготвени да одговорат на предизвиците од своето време. Денес, ние сме повикани да бидеме подготвени за предизвиците од нашето време. ​Токму во тоа е суштината на војничката професија. Времињата се менуваат, заканите се менуваат, технологијата напредува, но нашата должност останува иста, да бидеме подготвени, одлучни и посветени секогаш да стоиме на браникот на државата, секогаш подготвени на браникот на татковината, рече Лафчиски.

Во предвечерието на 35-годишнината од независноста на државата, констатира дека Армијата уште еднаш ја потврди својата оперативна зрелост и способност за исполнување на највисоките национални и НАТО стандарди.

​Продолжуваме и понатаму со несмалено темпо и интензитет да придонесуваме во меѓународните мисии и операции. Денес, повеќе од 180 припадници на Армијата се ангажирани во составот на истурените копнени сили на НАТО. ​Построени под боите на македонското знаме, припадниците на Армијата секојдневно придонесуваат кон регионалната безбедност и стабилност, како и кон колективната одбрана на Алијансата. И секој нивен професионален чекор е чекор на нашата држава. Тие покажуваат дека Македонија не е само корисник на безбедност, дека е сојузник кој допринесува, сојузник кој презема одговорност и сојузник на кој може да му се верува. ​Нашата Армија е армија од народот и за народот. Армијата денес се наоѓа во најинтензивниот процес на опремување и модернизација од нејзиното формирање, што е резултат не само на набавката на современа опрема, туку и на континуираните вложувања во обуката, примената на стандардите и пред сè во човечкиот потенцијал, додаде Лафчиски.

- Advertisement -
Ad image

Maкедонската Армија денес е високо организирана воена формација со професионален интегритет, оперативна кредибилност, висока интероперабилност со сојузничките сили, војничка дисциплина, што резултира со највисока доверба кај граѓаните и заслужена почит од сојузниците, рече во обраќање  претседателката и врховен командант на Вооружените сили, Гордана Сиљановска-Давкова.

Генерации војници, питомци, подофицери и офицери гордо ја носеле униформата во различни времиња и под различни околности, исполнувајќи ги задачите коишто им биле доверени и превземајќи одговорност за нивното извршување. Актуелниот конфликтен меѓународен амбиент во којшто ги градиме безбедноста и одбраната се одвива со непредвидлива динамика што ги менува досегашните перцепции за разбирањето на феноменот закана и начинот на којшто може и треба да се одговори на истата. ​Војната, и покрај ветувањата „никогаш повеќе војна“ како идеја водилка на европските татковци-основачи, повторно се случува на европскиот континент. Границите меѓу конвенционалните и хибридните закани се нејасни. Беспилотните системи, сајбер просторот и вештачката интелигенција веќе непосредно влијаат врз начинот на којшто се планира, изведува и поддржува современото војување. ​Затоа, логично е современата одбрана да не се сведува на одговор на веќе настанатите закани, туку на нужноста и способноста за нивно предвидување, подготовка на соодветни капацитети и градење отпорност којашто ќе ја гарантира и зачува функционалноста на државата и тогаш кога условите се најнеизвесни и најнепредвидливи, рече Сиљановска-Давкова.

Со членството во НАТО, истакна, одговорот на тешките безбедносни и одбранбени прашања не го бараме сами, туку заедно со сојузниците, како наш стратешки избор и темел на колективната безбедност, превземајќи дел од колективната одговорност, но и на одговорноста на секој за секого во Алијансата. ​

Цврсто верувам дека колку е посигурна нашата сопствена одбранбена поставеност, толку е посуштински нашиот придонес кон заедничката сигурност. Токму затоа, зајакнувањето на сопствените капацитети е и вистинскиот начин на којшто ја зацврстуваме својата позиција во Алијансата како сериозна и кредибилна членка на којашто може да ѝ се верува и врз која може да се потпира. ​Македонската безбедносна определба доби нова регионална димензија со потпишувањето на Партнерството за безбедност и одбрана со Европската Унија како прва земја во регионот, со што манифестираше лидерска способност. ​Фаќањето и држењето чекор е важна претпоставка за секоја држава во НАТО, што наметнува обврска за издвојување средства за модернизација на опремата и технологиите, се разбира во согласност со современите безбедносни предизвици, додаде Сиљановска-Давкова.

Армијата е чувар на суверенитетот и територијалниот интегритет на државата, но во суштина е многу повеќе од тоа, таа е столб на стабилност, доверлив партнер на институциите и сила која е секогаш подготвена да служи на народот и на татковината, рече министерот за одбрана Владо Мисајловски.

​Наскоро ќе имаме и нов подобро колективен договор. Ново решение кое ќе биде во прилог на професионалните војници со навршени 45 години, а од оваа говорница сакам да најавам и зголемување на платите и подобри услови за работа во следната година.  Македонската Армија и нејзините припадници мора да имаат модерно и софистицирано вооружување и лична опрема што ќе биде гарант за нејзината подготвеност и одговор на предизвиците. ​Процесот на модернизација на Армијата се реализира согласно сите наши планови. Набавуваме значајна опрема, но не ја забораваме ниту личната опрема за армиските припадници. Во моментот, заедно со Генералштабот како највисок стручен орган и со нашите сојузници, работиме на нови стратешки документи кои ќе ни дадат насока за натамошен развој на одбранбените капацитети. ​Ја модернизираме Армијата, но во исто време ги подобруваме и условите во кои работат нашите војници, рече Мисајловски.

Посочи дека над 12 милиони евра се предвидени да бидат инвестирани во инфраструктурата во следниот период, а досега инвестициите тежела над 3,1 милиони евра. ​Дополнително, истакна се работи на ставање во функција на Центарот за обука на пилоти, кој цели 10 години бил тотално нефункционален.

На свеченоста беа доделени признанија на армиски единици, институции и поединци за нивниот придонес во развојот на одбранбените капацитети и извршувањето на армиските задачи.

ЗА НАС

ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.

© 2025 OhridSky. Сите права задржани.

Login to enjoy full advantages

Please login or subscribe to continue.

Go Premium!

Enjoy the full advantage of the premium access.

Stop following

Unfollow Cancel

Cancel subscription

Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.

Go back Confirm cancellation