Background

НОВИТЕ ТЕРАПИИ ЗА ПАРКИНСОНОВА И ЗА АЛЦХАЈМЕРОВА БОЛЕСТ МОРА ДА БИДАТ БЕЗБЕДНИ

Македонија се подготвува за воведување длабока мозочна стимулација кај пациенти со Паркинсонова болест, додека за новите терапии за Алцхајмерова болест допрва треба да се утврдат условите за нивна примена. Министерот за здравство Сашо Клековски порача дека современите третмани мора да бидат безбедни, стручни и одржливи, а не само достапни.

– Паркинсоновата и Алцхајмеровата болест не се само дијагнози. Тоа се години живот, на пациентот и на семејството што се грижи за него. Ниту една од овие терапии не е за секого. И двете бараат внимателно избрани пациенти, обучени тимови, дијагностика и долгорочно следење. Затоа прашањето не е само дали, туку како: безбедно, стручно и одржливо – изјави Клековски.

Министерот денеска се обрати на отворањето на панел-дискусијата „Паркинсонова и Алцхајмерова болест – подобар третман за подобар живот“, одржана на Медицинскиот факултет во Скопје, со учество на невролози и неврохирурзи од Македонија и од Словенија.

- Advertisement -
Ad image

Според податоците наведени на настанот, во земјава има околу 24.000 лица со деменција, а проценките се дека нивниот број до 2050 година може речиси тројно да се зголеми. Други приближно 8.000 граѓани живеат со Паркинсонова болест, при што најголемиот дел од пациентите се згрижени дома, од своите семејства.

Првата мозочна стимулација се очекува во 2027 година

Клековски оцени дека Македонија ги има главните предуслови за воведување длабока мозочна стимулација, метода што веќе се применува во други земји, а за која македонски пациенти досега биле испраќани во Турција.

– Длабоката мозочна стимулација се работи во светот повеќе години, ние испраќаме пациенти во Турција. Сметаме дека е момент за воведување на оваа метода во Македонија. Моите сознанија се дека Клиниката за неврохирургија во Скопје е технички подготвена за ваков тип на интервентност, а апаратурата што е потребна за ваков тип интервенција е достапна – рече министерот.

Тој ја истакна поддршката од Универзитетскиот клинички центар во Љубљана, чии специјалисти треба да го пренесат своето искуство на македонските лекари.

– Сега ја имаме поддршката за која сум многу благодарен на Универзитетскиот клинички центар во Љубљана да го пренесе своето повеќегодишно искуство и мислам дека сите состојки се тука и е време да започнеме со процедурата – изјави Клековски.

Директорот на Универзитетската клиника за неврологија, асистент д-р Јован Божиновски, најави дека првиот пациент во Македонија би можел да биде третиран со оваа метода во текот на 2027 година.

– Искрено, навистина сум оптимист дека наредната 2027 година ќе започнеме со првиот пациент, секако со огромна поддршка на Клиничкиот центар во Љубљана – изјави Божиновски.

Фото: Министерство за здравство

Според директорот, за воведувањето на методата има обезбедени средства, но претходно треба да се формираат мултидисциплинарни тимови од специјалисти.

Професорката д-р Габриела Новотни од Клиниката за неврологија објасни дека длабоката мозочна стимулација не е нова или експериментална метода, туку третман што се применува во светот веќе три децении. Во Македонија, сепак, сè уште не се изведува.

Професорот д-р Дејан Георгиев од Универзитетскиот клинички центар во Љубљана посочи дека методата се користи кај пациенти со Паркинсонова болест, но и кај други нарушувања на движењето, меѓу кои дистонија и тремор.

Словенечката клиника самостојно ја применува длабоката мозочна стимулација веќе 15 години, а има три децении искуство во лекувањето на напреднатите фази на Паркинсоновата болест.

Нови лекови за раната фаза на Алцхајмерова болест

На панелот се разговараше и за можностите за воведување антиамилоидни терапии со леканемаб и донанемаб, наменети за пациенти во рана фаза на Алцхајмеровата болест.

Клековски посочи дека одредени лекови веќе се регистрирани, но нивната употреба во Европа од 2025 година е многу ограничена, додека во Македонија сè уште не се достапни.

За нивната евентуална примена, според министерот, е потребна стручна расправа и утврдување на медицинските и организациските предуслови.

Министерството за здравство очекува конкретни препораки од специјалистите за тоа што недостига во здравствениот систем, по кој редослед треба да се обезбедат потребните услови и колку време би траеле подготовките.

Клековски им се заблагодари на експертите од Љубљана за двегодишната соработка со македонските клиники, која се реализира преку програмата „Mentor–Mentee“ на Меѓународното друштво за Паркинсонова болест и нарушувања на движењето (MDS).

На дискусијата учествуваа и професорот д-р Звездан Пиртошек, независен експерт на Обединетите нации за човековите права на постарите лица, и директорот на Универзитетската клиника за неврохирургија, д-р Љуљзим Агани. Модератор беше професорката д-р Габриела Новотни.

ЗА НАС

ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.

© 2025 OhridSky. Сите права задржани.

Login to enjoy full advantages

Please login or subscribe to continue.

✖

Go Premium!

Enjoy the full advantage of the premium access.

✖

Stop following

Unfollow Cancel

✖

Cancel subscription

Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.

Go back Confirm cancellation

✖