Европските аеродроми и авиокомпании упатија итен апел до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, предупредувајќи дека воведувањето на Шенгенскиот систем за влез и излез (EES) достигнало „критична точка“ и предизвикува сериозни нарушувања за милиони патници во екот на летната туристичка сезона.
Во отворено писмо, објавено на 1 јули, организациите „ACI EUROPE“, „Airlines for Europe“ (A4E) и Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (IATA) побараа од Брисел да им овозможи на земјите-членки привремено да ја суспендираат примената на системот кога бројот на патници ќе го надмине капацитетот на граничните служби.
„Денес стигнавме до критична точка. Сегашната примена на системот EES предизвикува сериозни оперативни последици, го нарушува патувањето на патниците и создава неодржлив притисок врз граничните служби, аеродромите и авиокомпаниите. Затоа ве повикуваме итно да реагирате пред ситуацијата дополнително да се влоши во текот на летната сезона“, се наведува во писмото.
Системот EES стана целосно оперативен низ Шенген-зоната во април годинава, заменувајќи го печатирањето на пасошите со дигитален систем кој ги евидентира влезовите и излезите на државјаните од земјите надвор од Европската Унија, заедно со нивните биометриски податоци, како отпечатоци од прсти и фотографија на лицето.
Целта на системот е да ја зајакне безбедноста на надворешните граници, полесно да ги идентификува лицата кои го пречекориле дозволениот престој и да го подобри управувањето со границите.
Сепак, претставниците на воздухопловната индустрија тврдат дека во пракса неговото функционирање создава сериозни проблеми.
Според нив, чекањето на граничните контроли на некои аеродроми достигнува и до пет часа, што резултира со пропуштени летови, доцнења и дополнителен притисок врз персоналот.
Тие предупредуваат дека особено погодени се помалите аеродроми во туристичките региони, каде што патниците чекаат во редици и надвор од терминалите, бидејќи граничните служби не успеваат навреме да ги обработат сите пристигнувања.
„Авиокомпаниите се принудени да ги затвораат портите за качување додека авионите сè уште се полупразни, бидејќи патниците се заглавени во редиците на граничната контрола“, предупредуваат организациите.
Тие потсетуваат дека земјите-членки веќе имаат можност привремено да го суспендираат собирањето биометриски податоци до почетокот на септември, но оценуваат дека оваа мерка не ги решила проблемите со долгите чекања.
Со оглед дека европските аеродроми во јули и август очекуваат околу 40 милиони патници повеќе отколку во претходните два месеца, предупредуваат дека состојбата може дополнително да се влоши.
Во писмото тие бараат Европската комисија:
– веднаш да им овозможи на земјите-членки целосно да ја суспендираат примената на системот EES кога бројот на патници ќе го надмине капацитетот на граничните служби, барем во текот на јули и август;
– до септември да воспостави траен механизам кој ќе овозможи привремено суспендирање на процедурите во исклучителни околности, со цел да се избегнат сериозни нарушувања во патничкиот сообраќај.
Организациите предупредуваат дека во прашање се доведуваат угледот на Европската Унија и довербата во нејзиниот регулаторен систем.
Според нив, дел од меѓународните патници веќе ги преиспитуваат своите планови за патување во Европа поради можноста да поминуваат часови во редици на границите.
По апелот на воздухопловната индустрија реагираше и Светскиот совет за патување и туризам (WTTC), кој повика на координирана акција за да се обезбеди непречено функционирање на системот.
Организацијата предупредува дека Европа би можела да ја изгуби конкурентноста во однос на другите туристички дестинации доколку долгите чекања станат секојдневие.
Според анализите на WTTC, чекањето подолго од три часа значително ги обесхрабрува туристите да патуваат во Шенген-зоната. Дури една третина од анкетираните изјавиле дека поради тоа би ја избегнувале Европа.
Организацијата проценува дека до 2026 година би можеле да бидат загрозени околу 41 милион туристички пристигнувања, како и околу 45,4 милијарди американски долари туристички приходи.
– Системот EES претставува важен чекор кон помодерни и побезбедни европски граници. Но, неговата примена мора да биде практична, добро координирана и насочена кон потребите на патниците. Ако долгите чекања станат правило, патниците ќе избираат други дестинации. Европа не смее да си дозволи да ја загрози својата конкурентност и искуството што им го нуди на милиони посетители – изјави претседателката и извршна директорка на WTTC, Глорија Гевара.
Tagged as:
Новиот систем на ЕУ предизвика хаос на европските аеродроми
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
