Обвинителството денеска го презентираше и движењето на возилото „рено кангу“ во Скопје на 27 ноември 2023 година, кога се случи убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска.
Возилото во 6.29 часот е забележано кај Мавровка, од каде дошло од Бутел, а во него имало едно лице. Според снимките од безбедносните камери, возилото продолжило кон булеварот Гоце Делчев и кон мостот Гоце Делчев во 6.30 часот. Движејќи се по левата лента продолжило по булеварот Блаже Конески, па по булеварот Климент Охридски и во 6.31 часот свртело по булеварот Партизански одреди, кон Карпош. Потоа свртело кон Ленинова.
На видео снимките се гледа во 7.30 часот „рено кангу“ како се движи од Дебар Маало и се вклучува на Илиндеска со вртење лево. Потоа било забележано на ракрсницата на Илинденска со Наум Наумовски Борче. Во 7.43 се гледа на раскрсницата кај Зоолошка. Потоа свртело на булеварот 8 Септември, па кон Момин Попок.
Јовица Страшески, адвокат на првообвинетиот за убиствата на Ѓорчевска и на Панче Жежовски, Љупчо Палевски Палчо, приговараше за изведените докази за движењата на двете возила што се користеле во кривичното дело – „цитроен“ и „рено кангу“.
– Презентиравте докази за движења на возила, но на ниедно возило не можеше да се види регистарска табличка и каква поврзаност има движењето со предметното кривично дело со кое се товарат обвинетите, особено мојот штитеник Палевски. Беше констатирано дека возилото „цитроен“ било преместено од Триангла во Бутел, но не беше презентирано како дошле до тој заклучок. Во видеото на „цитроенот“ не беа покажани таблички. Невозможно е, ако Сејф сити работи со пребарување по регистарски таблички, да нема на ниедна снимка да се види таблица на возилото. Сакам да приговарам и дека е чудно како на секој презентиран видеозапис судот го дополнуваше записникот, односно помагаше во објаснување на видео записите. Освен во последните две видеа, каде се гледаат таблиците на „рено кангу“, друго не покажа. Нема доказ дека тоа возило е поврзано со исчезнувањето на Вања. Само презентираше движења на возила низ одредени улици. Ни за „цитроенот“, ни за „кангуто“ не се докажа дека имало движење кон зградата на Вања – рече адвокатот на Палевски, Јовица Страшески.
Палевски поднесе приговор за листата на докази.
– Имаат листа од 197 докази, на кои судот парцијално обрнува внимание, и не забележува дека има дуплирани докази. Доказ број 48, потврда за одземени редмети од Велес ја има и во доказ 99. Овој суд пропуштил да види дека на граѓанка ѝ се одземени предмети, а не е обвинета ни осомничена. За обвинетиот Боре Видески, не постои потврда за одземен мобилен телефон и ташничка. Ова се сериозни пропусти. Обвинителството треба да си ја среди листата на докази – рече Палевски.
Тој најави дека на следното рочиште ќе побара изземање на Обвинителството.
Судењето за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски продолжува во понеделник на 27 јануари.