Неформалната иницијатива „Ниту една повеќе!“ денеска организира блокада пред Владата против фемицидот, насилството и институционалната неодговорност.
Блокадата следува по случајот со насилството врз 21-годишна девојка од Битола, која минатата недела во полиција пријавила дека момчето со кое била во врска ја давело и ја задушувало со голи раце. Според пријавата, таа од него трпела тепање, закани за убиство и психичко малтретирање во период од една и пол година.
Блокадата почна со извици „Уаааа!“, „Жени!“, „Живот!“, „Слобода!“ и со едноминутен молк за жртвите на фемицид.
На собирот се обрати и Бети Ангеловска, мајката на 21-годишната девојка од Битола, која побара од институциите да преземат мерки за заштита на нејзината ќерка и да ги разгледаат доказите што, како што вели, се наоѓаат во нејзините телефони.
– Гледам тука многу полицајци и се чудам зошто толку полиција тука сега за нас. Па ние не сме натрапници! Бараме само децата да ги заштитите. Ништо повеќе не бараме. Таквите натрапници да бидат затворени и притворени. Нашиот натрапник излегува в среда од притвор. После што ќе правиме? Осум дена притвор за тепано чупе повеќе од една година. Го молам министерот, го молам Јавното обвинителство – телефоните се земени на вештачење. Во нив има снимки, видеа, материјали, фотографии од неа претепана. Значи, ако не се преземе нешто, јас ќе си ја земам правдата во свои раце. Ме лазат морници и при самата помисла на фотографиите од моето чупе кога ми излегуваат пред очи. Јас ја израснав сама 21 година. Нема да дозволам никој никаков да ми го уништи чупето. Повторно го молам Јавното обвинителство, во нејзините телефони има многу видеозаписи. Убаво да ги прегледаат телефоните. Има внатре што да се види за една година – истакна Ангеловска.
Таа рече дека момчето поднело пријава против нејзината ќерка, тврдејќи дека таа него го тепала, а не тој неа.
– Замислете, натрапникот од Битола ја тужи мојата ќерка како таа него го тепала, а не тој неа. Замислете! Тој избеган, а си скршил две ребра, но во полицијата медицински извештај за тоа како ќерка ми му ги скршила ребрата нема. Дали тој си ги скршил кога скокаше, не знам. Но медицински извештај за тоа нема. Сакаат со тоа да нè уценат, ние да ја повлечеме нашата кривична пријава, па и тие да ја повлечеле. Тоа нема да се случи никогаш! Ќе одам до крај. Секој ден, ако треба, и сама ќе доаѓам тука. Кој сака да ми даде поддршка, добредојден е, сè додека не излезе правдата за мојата ќерка Емилија. Апелирам до сите девојчиња да не трпат насилство, туку да пријават. Тој е за на психијатрија да се лекува, а не да биде на слобода, уште и во среда да го пуштат од притвор. После што ќе правиме? Како ќе се заштитиме? Многу ви благодарам на сите – рече Ангеловска.
По нејзиното обраќање, учесниците на блокадата извикуваа „Живот, слобода“, „Нема за нас мир“, „Нема“ и „Една за сите, сите за една“.
Од иницијативата „Ниту една повеќе!“ најавуваат нов протест за среда, 25 ноември, во 17 часот, во Паркот на жената борец во центарот на Скопје.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
