Background

Научници од Македонија повикаа тоа да се препознае во Европа и да се воведе заштита

Политичките оспорувања на македонскиот национален идентитет и на посебноста на македонскиот јазик од страна на бугарски политички и академски кругови, како и нивното вградување во билатерални и европски процеси, претставуваат форма на политички говор на омраза со сериозни последици врз правото на самоопределување, националното достоинство и европската интеграција на земјата – oва беше порачано на научниот собир „Негирањето на политичката легитимност на македонската нација и посебноста на македонскиот јазик како форма на политички говор на омраза“, во организација на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања при УКИМ и Истражувачкиот центар за ареална лингвистика „Божидар Видоески“ при МАНУ.

Академик Марјан Марковиќна отворањето порача дека насловот на научниот собир звучи и парадоксално, бидејќи 150 години се навраќаме на истите прашања, за жал, и не по наша волја.

– Ние како научници сме принудени одново да се навраќаме на одредени проблеми во оваа сфера и да се обидеме, можеби не можеме да дадеме вистински одговори, но сепак ќе се обидеме во текот на оваа конференција да понудиме одредени решенија за различни проблеми за оваа да речеме апсурдна проблематика гледано од аспект на 21 век. Верувам дека ќе можеме со оваа конференција да понудиме решенија и продолжиме напред и како држава и како наука – рече Марковиќ.

Наративи за предрасуди, нетолеранција и непријателство

- Advertisement -
Ad image

Проф. д-р Ганка Цветанова, која е еден од раководителите на двегодишната научноистражувачка работа во рамки на проектот, на почетокот порача дека иако живееме во 21 век, во ерата на човековите права, македонското прашање е сè уште предмет на жестоки политички дебати, правото на самоопределување на македонскиот народ и неговата самобитност неретко се оспоруваат, додека посебноста на македонскиот јазик и култура, како и политичката легитимност на македонската нација се негираат.

Оспорувањата од страна на одредени политички елити од некои соседни држави, кои се воедно и земји-членки на ЕУ, како и од дел од нивната академска заедница, според Цветанова, вообичаено се заснова на две негирачки тези: првата дека македонската нација е измислена на крајот на Втората светска војна, како политички проект на комунистичката интернационала и југословенските комунисти и втората дека македонскиот јазик е измислен со декрет на АСНОМ во 1945 година.

– Меѓутоа проблемот не се исцрпува со политичката и идеолошката манипулација со термините. Кога негирањето на националната и јазичната посебност излегува од рамките на научната расправа и станува дел од политичкиот дискурс насочен кон оспорување на легитимноста на една национална заедница, се отвора прашањето за неговата поврзаност со политичкиот говор на омраза. Особено кога таквите наративи придонесуваат за создавање и одржување предрасуди, нетолеранција и непријателство кон припадниците на таа заедница – нагласи Цветанова.

Токму од оваа перспектива, посочува Цветанова, во рамки на нашиот истражувачки проект тргнавме од хипотезата дека оспорувањето на политичката легитимност на македонската нација и посебноста на македонскиот јазик во определени политички и општествени контексти може да претставува форма на политички говор на омраза.

Импликации врз признавањето на правото на самоопределување

– Притоа важно е да се нагласи дека не станува збор за секое различно толкување на историските процеси, ниту за секое несогласување во политичкиот и научниот дискурс. Предмет на нашето истражување се оние негирачки наративи што ја оспоруваат легитимноста на националното самоопределување и јазичната посебност, а со својата содржина и контекст можат да придонесат за ширење на предрасуди, нетолеранција, дискриминација и непријателство кон определена национална заедница, во случајот македонската – изјави Цветанова.

Овој проблем, според Цветанова, има повеќе меѓусебно поврзани димензии, пред сè, за правото на самоопределување, кое претставува едно од основните принципи на меѓународното право – националната припадност како важна димензија во колективниот идентитет е поврзана со потребата на поединците да се идентификуваат со определена заедница, нејзината култура, јазик и историско наследство.

– Оттука систематското оспорување на легитимноста на македонскиот национален идентитет не е само прашање на различни историски интерпретации, туку може да име пошироки импликации врз признавањето и почитувањето на правото на самоопределување – изјави Цветанова.

Политички мотивирано негирање

Јазикот, нагласи Цветанова, претставува еден од најзначајните идентификатори на културниот идентитет и средство преку кое се создаваат, пренесуваат и се одржуваат културните вредности и колективната меморија на заедницата.

– Затоа негирањето на посебноста на македонскиот јазик не може да се разгледува исклучиво како лингвистичко прашање. Кога негирањето на посебноста на јазикот се користи за оспорување на легитимноста на една национална заедница тоа добива и политичка димензија со можни последици врз остварувањето на нејзините културни и јазични права – изјави Цветанова.

Во овој контекст, според Цветанова, особено е значајно прашањето за историскиот ревизионизам, посочувајќи дека критичкото преиспитување на историските сознанија е составен дел од научните истражувања, меѓутоа кога историските интерпретации се користат како инструмент за политичко оспорување на националниот идентитет и јазичната посебност станува збор за политичка и идеолошка инструментализација на историјата.

– Токму затоа е важно да се разграничуваат научната расправа и политички мотивираното негирање – изјави Цветанова.

Ваквите наративи, според Цветанова, може да имаат и поинакви општествени последици и нивното континуирано присуство во јазичниот дискурс може да придонесе за создавање и одржување на предрасуди, стигматизација на националната заедница како и за продлабочување на чувството за неправда и политичка несигурност.

– На индивидуално и колективно ниво тие може да влијаат врз чувството на припадност, достоинство и довербата во политичките институции – нагласи Цветанова.

Овие прашања, посочува таа, добиваат и дополнително значење во контекст на процесите на европската интеграција, каде европскиот идентитет како политички концепт се темели врз вредностите на човековото достоинство, слободата, еднаквоста, демократијата и почитувањето на човековите права.

– Мотото на ЕУ кое гласи „Обединети во различноста“ ја изразува идејата дека европското единство не подразбира поништување на националните, културните и јазичните разлики, туку нивно признавање и почитување. Оттука произлегува и едно суштинско прашање, како овие принципи се остваруваат во политичката пракса, особено кога националниот идентитет и јазичната посебност стануваат предмет на меѓудржавни спорови и политички условувања. Сметам дека токму тука се наоѓа поширокото значење на темата на нашиот научен собир. Таа отвора простор за критичко и интердисциплинарно разгледување на односот помеѓу политичкиот дискурс, националниот идентитет, јазичните права и универзалните принципи на човековите права – изјави Цветанова.

Редно е да се препознае политичкиот говор на омраза

Академик Катица Ќулавкова во своето воведно обраќање порача дека говорот на омраза е комплексен и глобален проблем, со свои системски обележја кои може да се истражуваат и теориски, а не само емпириски, глобално и локално.

– Традиционалните анализи на говорот на омраза ја запоставуваат неговата политичка манифестација. Сите мои истражувања покажаа дека се спомнуваат политички аспекти во говорот на омраза, но во класификацијата и клучните теориски дефиниции не е издвоен како посебен говор на омраза, а ние мислам го направивме и тоа едно мало поместување во дефинирање на една проблематика, која е битна и за нас и за светот – изјави Ќулавкова.

Во своето излагање посветено на актуелните општествено-политички и идентитетски прашања, академик Катица Ќулавкова истакна дека политичкиот говор на омраза претставува специфичен, хибриден и институционализиран дискурс кој ја надминува традиционалната општа смисла и се манифестира како сериозен проблем за македонскиот народ и држава.

– Политичкиот говор на омраза кон македонскиот народ, последователно и опструкцијата на македонската нација денес е специфичен. Некогаш сме биле само народ, сега сме со формирањето на државата нација. Во последните 35 години од осамостојувањето, таа отстапува од парадигмата на нација со етнонационални обележја кон парадигмата на мултиетничка нација, која лавира меѓу унитарно и федеративно и кантонизирано уредување. Како последица на таквата неизвесност, односно неизвесен развој, денес се доведува во прашање опстанокот на македонската нација, односно во тек е ревизија на поимот македонска нација. Кревкиот статус на нашата нација се рефлектира врз статусот на македонската државност. Ги охрабрува обидите за ревизија на македонската политичка, културна и црковна историја, со што се поттикнува негацијата на сите сегменти на македонскиот идентитет, особено на јазикот, а тоа пак двосмислено влегува во доменот на политичкиот говор – изјави Ќулавкова.

Политичкиот говор на омраза манифестиран спрема македонскиот народ, според Ќулавкова е хибриден – имплицитен и експлицитен, а ги вклучува со самото тоа сите четири карактеристики на дефиницијата: болката и штетата што ја трпи македонскиот народ поради вредностите нанесени со оспорувања, дискриминација, конверзија и ревизија под принуда со блокади, дополнителните услови во отворени преговори, одлагања, недостоинствени именувања на Македонците итн., и на Република Македонија.

– Содржината е политичка и вклучува оспорување на македонскиот идентитет, непризнавање на македонското малцинство, деградација на македонскиот јазик на дијалект, негативни стереотипи на Македонците. Трето, навредливите јазично-реторички изрази, малициозна и вулгарна експресија на социјалните и други мрежи, па и во настапи на официјални политички фигури и интелектуалци кога не именуваат како државата како ФИРОМ порано, нели, Пиром, вештачка нација – нагласува Ќулавкова.

Во македонскиот случај, според Ќулавкова, политичкиот говор на омраза е наследен од втората половина на 19 век и тој добива институционални димензии при приемот на македонската држава во Обединетите нации.

– Потоа во јуни 2018 со помош на супранационални механизми Република Македонија под притисок потпиша Преспански договор за промена на името и редефинирање на историскиот континуитет. Понатаму тој се претвори во преседан за т.н. евроатлантски интеграции кои до денес користат механизми на ултиматум и уцени и кога нè примија во НАТО и еве сега кога треба евентуално да започнат некои процеси на интеграција со Европска Унија. Перформативната моќ на дипломатскиот говор на омраза продолжува и дојде до израз во анализите на вториот протокол и придружните документи од заедничката меѓувладина комисија потпишана 2022 година меѓу Бугарија и Македонија, каде што нели не го нарекуваат јазикот западен дијалект на бугарскиот јазик – изјави Ќулавкова.

Потребна е регулација

Регулирањето на политичкиот говор на омраза, нагласува Ќулавкова, не е само правна или етичка, морална обврска, таа е превентивна стратегија против колективната траума, депомација и општествена фрагментација.

– Европските структури треба да престанат да го третираат политичкиот говор на омраза како дипломатска нијанса, како политичко прашање, а без ефективни заштитни механизми Македонија иронично ќе биде принудена да ги нормализира негативните пристапи, практика, идентитетски оспорувања и национална дестабилизација, што е во спротивност со самите теми на европското единство, затоа не треба да се прифаќаат повеќе таквите облици на дипломатски фиксации врз Македонија да отстапи од постојниот национален и етнички наратив – изјави Ќулавкова.

Собирот произлегува од научноистражувачкиот проект „Негирањето на посебноста на македонскиот јазик и политичката легитимност на македонската нација како форма на политички говор на омраза“ и има цел да поттикне научна и интердисциплинарна дискусија за негирањето на македонскиот јазик и националниот идентитет, нивните политички, правни, општествени и културни импликации, како и прашањата поврзани со човековите права, дискриминацијата и современите регионални и европски процеси.

Како што наведуваат од Програмскиот и од Организацискиот одбор на научниот собир, преку научните излагања и дискусиите собирот ќе придонесе кон пошироко разбирање на овие прашања и нивното значење во современиот општествен контекст.

ЗА НАС

ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.

© 2025 OhridSky. Сите права задржани.

Login to enjoy full advantages

Please login or subscribe to continue.

✖

Go Premium!

Enjoy the full advantage of the premium access.

✖

Stop following

Unfollow Cancel

✖

Cancel subscription

Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.

Go back Confirm cancellation

✖