Демографскиот пад е главната причина за намалувањето на бројот на ученици и затворањето на дел од училиштата во земјава, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за почетокот на новата учебна година.
Според податоците што ги изнесе Мицкоски, во 2025 година во Македонија се родиле 15.650 деца, додека во годините пред пандемијата бројката се движела меѓу 22.000 и 23.000 новородени годишно.
– Станува збор за 7.000 до 8.000 деца помалку во рок од седум-осум години – рече Мицкоски.
Тој направи споредба според која таквото намалување, доколку се пресметаат по 20 ученици во паралелка, би значело околу 350 паралелки помалку.
Премиерот оцени дека демографијата учествува со околу 90 проценти во проблемот со намалувањето на бројот на ученици, а како дополнителен фактор го посочи и иселувањето.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска претходно информираше дека годинава 24 училишта се привремено затворени. Дел од нив останале без ученици, додека во други има мал број деца кои се префрлени во најблиските училишта, со цел да следат настава во поголеми паралелки и да имаат подобри услови за социјализација
Мицкоски рече дека Владата ќе се обиде најпрво да го стабилизира падот на бројот на населението, а потоа да создаде услови за негово зголемување. Тој оцени дека со слични демографски предизвици се соочуваат и други европски земји.
За време на денешната посета на Бутел, Мицкоски истакна дека во сите училишта низ државата се обезбедени бесплатни учебници за сите ученици, како и дека се градат нови и се реконструираат голем број училишта, спортски сали и базени.
– Да, можам да потврдам дека во сите училишта во државата се обезбедени бесплатни учебници, нешто што до пред три години претставуваше мисловна именка, нешто што беше невозможно. На учениците им се диктираше до половина учебна година, а некои и цела учебна година не го добиваа учебникот. Сега овие од талогот како да ги заборавија тие времиња кога немавме учебници, па ги гледам таа мала група од талогот како денеска се дрзнува да спомнува, да критикува и, дури би рекол, во одредена мерка и да навредува. Но, ние како Влада продолжуваме и понатаму да вложуваме за нашите најмили, а тоа се децата. Вложуваме во реконструкција на училиштата, се градат базени, се градат спортски сали, се градат нови училишта, се доградуваат училишта, се реновираат – истакна Мицкоски.
Над 50 објекти, можеби и повеќе низ државата, се реконструираат, додаде Мицкоски.
– Дали е тоа доволно? Не е. Дали треба повеќе? Треба, но, извинете, верувајте, за две години ние не можеме да поправиме нешто што 35 години системски било уништено – рече премиерот.
Тој им посака на сите првоодделенчиња успешни училишни денови, другарување и стекнување нови пријателства.
Tagged as:
НАМАЛЕН Е БРОЈОТ НА ПРВАЧИЊА ЗАТОА ШТО Е НАМАЛЕН БРОЈОТ НА НОВОРОДЕНЧИЊА
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
