Најмалку 30 деца, повеќето Британци, можеби биле зачнати со сперма или јајце-клетки од погрешни донори при ин витро постапки на северен Кипар.
Родителите внимателно избирале донатори според здравствената историја, изгледот, образованието, карактерот и други особини. Години подоцна, дел од нив почнале да се сомневаат дека добиле сосема друг генетски материјал.
Нова истрага на Би-Би-Си го проширила скандалот кој првично опфаќал седум деца. Сега постојат сомнежи за најмалку 30.
Половина од нив биле зачнати по третмани во Центарот за ин витро оплодување „Догус“. Единаесет од децата направиле комерцијални ДНК тестови. Резултатите покажале генетско потекло од Турција или од околните земји, спротивно на потеклото што семејствата го очекувале според избраните донори.
Тоа само по себе не го идентификува вистинскиот донор. Сепак, во комбинација со документацијата и со другите наоди, кај семејствата ги засилило сомнежите дека избраниот материјал не бил употребен.
Меѓу нив е Британката Рејчел. Таа во 2012 година пристигнала во „Догус“ за ин витро постапка.
Нејзе ѝ била потребна донаторска сперма. На страницата на данската банка „Криос интернешнл“ избрала анонимен донор претставен под името Дито.
За Рејчел бил важен еден детаљ. Донаторот навел дека неговите биолошки потомци ќе можат да го откријат неговиот идентитет кога ќе наполнат 18 години.
– Сакав секое мое дете да има избор да може да го контактира донорот. За дете кое се обидува да открие кој е на светот, ова може да биде навистина важно – рекла Рејчел.
Третманот чинел околу 4.000 евра. Според нејзиното сведоштво, од клиниката ѝ било кажано дека ќе ја организираат нарачката на избраната сперма.
Рејчел забременила и го родила Џона.
Сомнежите, сепак, не исчезнале. Таа тврди дека подоцна безуспешно барала медицински извештај кој би потврдил дека била употребена спермата од Дито. И изгледот на нејзиниот син дополнително ѝ отворил прашања.
Тринаесет години подоцна, Рејчел и Џона направиле ДНК тестови. Резултатите потврдиле дека таа е неговата биолошка мајка, но дека Дито не е неговиот биолошки татко-донор.
– Порано мислев дека клиниката направила еднократна грешка – рекла Рејчел.
Кога дознала за другите семејства, нејзиниот сомнеж станал многу посериозен.
– Се чувствува како ова да е нешто многу поголемо и поизмамничко – рекла таа.
Тука приказната добива уште еден пресврт. Би-Би-Си ги доставил резултатите до „Криос интернешнл“, една од најголемите банки за сперма и јајце-клетки во светот.
Од компанијата соопштиле дека немаат евиденција оти некогаш испорачале сперма за Рејчел во „Догус“. Според истрагата, клиниката со години ја користела соработката со „Криос“ како дел од својата понуда.
Уште посериозно е откритието дека „Криос“ ја ставил клиниката на црна листа уште во 2016 година.
Причината била загриженоста дека „Догус“ не нарачал сперма од банката за еден пациент, иако било кажано дека тоа ќе биде направено.
Извршниот директор на „Криос интернешнл“, Оле Шоу, изјавил дека е шокиран од бројот на семејства кои можеби се засегнати.
Банката сега ја прекинала соработката и со докторката Фирдевс Угуз Тип и со клиниката „Миракл ИВФ“, додека трае истрагата на властите на северен Кипар.
Од 30 деца опфатени со сомнежите, 15 се поврзуваат со третмани во „Догус“. Во грижата за многу од пациентите биле вклучени докторката Фирдевс Угуз Тип, докторот Шевкет Алптурк и координаторката за пациенти Џули Ходсон.
Родителите се сомневаат дека биле доведени во заблуда. Фирдевс ги отфрлила обвинувањата за незаконско постапување. Таа тврди дека во „Догус“ не била задолжена за набавката на сперма.
Алптурк и Ходсон, според Би-Би-Си, не одговориле на прашањата поврзани со новите обвинувања.
Фирдевс била докторка и во уште девет слични случаи во две други клиники откако го напуштила „Догус“ во 2015 година. Повеќето се поврзуваат со „Миракл ИВФ“, каде што таа работи.
Таа тврди дека секогаш постапувала согласно законот. Навела и дека пациентите потпишувале согласност во која било објаснето како се избираат донорите.
Повеќе родители, пак, тврдат дека не биле правилно информирани.
Експертите за плодност на кои Би-Би-Си им ги претставил наодите оцениле дека случајна употреба на погрешен донор е исклучително ретка. Повторувањето на вакви случаи, според нив, отвора сомнеж за нешто многу посериозно од изолирана грешка.
Британското здружение за плодност оценило дека наодите укажуваат на можен системски проблем кој оди подалеку од еден лекар или една клиника.
Северен Кипар е популарна дестинација за Британците кои бараат третмани за плодност во странство. Клиниките привлекуваат пациенти со пониски цени и со голем избор на донори.
Територијата има сопствени закони за плодност, но нема независен регулатор како Велика Британија. По првичните откритија на Би-Би-Си, тамошното Министерство за здравство соопштило дека започнало официјална истрага.
За семејствата, последиците не завршуваат со прашањето чија сперма или јајце-клетка била употребена. Непознати остануваат и медицинската историја на вистинските донатори и можните генетски браќа и сестри на децата.
Рејчел вели дека откритието не ја променило љубовта кон нејзиниот син. Но, Џона целиот млад живот верувал дека половина од неговото потекло е данско.
ДНК резултатите сега укажуваат на турско и јужноевропско потекло.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
