Владата на Хрватска најави зголемување на пензиите и поддршката за новороденчињата, како и укинување на данокот на доход за иселениците по нивното враќање во земјата, по првата седница од новата година на која премиерот Андреј Пленковиќ го презентираше годишниот план за 2025 година, пренесува Анадолија.
Пленковиќ истакна дека во 2025 година планираниот раст на домашниот бруто производ (БДП) е 3,2%, а посебно внимание ќе се посвети на најранливите групи, пензионерите, лицата со попреченост и другите на кои им е потребна поддршка.
Тој додаде дека годинава очекуваат стапка на инфлација до 2,7%, раст на вработеноста од околу 2,9%, а учеството на јавниот долг во БДП да биде 56%.
– Решени сме да продолжиме да ја зајакнуваме хрватската економија и да го зголемуваме стандардот на граѓаните – рече Пленковиќ.
Тој додаде дека минималната плата е повеќе од двојно зголемена за време на мандатот на неговата влада.
– Од вчера минималната плата е 970 евра бруто, благодарение на компензациските мерки што ги обезбеди Владата. За 15 отсто се зголемува минималната студентска саатница, од 5,25 евра на 6,06 евра – рече тој.
Пленковиќ рече дека „ќе се удвои поддршката за новороденче, а на мајките ќе им се обезбеди целосна плата во вторите шест месеци до три илјади евра.
– Иселените хрватски државјани кои планираат да се вратат ќе бидат ослободени од данок на доход 5 години доколку престојувале во странство непрекинато најмалку 2 години – додаде Пленковиќ.
Тој најави нов закон за пензиско осигурување со кој, како што рече, ќе се подобри положбата на пензионерите.
– Новиот закон за пензии носи зголемување на просечната пензија на најмалку 800 евра до крајот на мандатот. Воведуваме и едногодишен додаток за пензионерите и го зголемуваме стажот на мајките од шест на 12 месеци за секое родено дете – рече Пленковиќ.