Средношколците и нивните поддржувачи и денеска ги блокираа средните училишта низ цела Франција, а возрасни протестанти маршираа во поддршка на учениците и нивното движење кое се прошири низ целата земја. Се очекува денеска околу 200.000 луѓе да се приклучат на протестите низ целата земја, откако моќни француски синдикати ги повикаа граѓаните.
Првите протести беа организирани кон крајот на минатиот месец во парискиот регион, а иницијативата потоа ја презеде Сојузот на средношколци, кој повика на блокада на училиштата низ целата земја. Протестите оттогаш брзо се проширија низ цела Франција при што стотици училишта се делумно или целосно затворени.
Учениците се жалат на недостаток на наставници, пренатрупани распореди, дотраени училници и згради кои не се прилагодени на растечките температури. Дел од протестите се мирни, а други станаа насилни. Повеќе од 5.000 учесници, повеќето малолетници, се уапсени изминативе денови.
Синдикатот CGT проценува дека денеска 260.000 луѓе се придружиле на протестите низ цела Франција, без Париз. Министерството за внатрешни работи, пак, претходно објави дека 86.000 луѓе учествувале во протестите, без оние во Париз.
Томас, 17-годишен средношколец од Вал-де-Марн, предградие на Париз во изјава за медиумите се пожали за состојбата во училиштата.
– Понекогаш доаѓаме на час и нема доволно маси или столчиња. Некои денови, ако сте последен што влегува во мензата, завршувате само со парче леб и малку вода. Нашите тоалети немаат врати, немаат тоалетна хартија или сапун – се пожали тој.
Паскал Кабаре, наставник по историја во средно училиште во Тулуз, рече дека учениците и персоналот имаат исти барања.
– Потребни се добро одржувани згради, подобри услови за работа – наведе тој.
Додаде дека движењето на учениците, исто така, е резултат на последователните топлотни бранови ова лето.
– Средните училишта едноставно не се опремени да се справат со вакви температури – изјави тој.
Градоначалникот на Сен Дени, на околу 8 километри од центарот на Париз, повика на „политички, а не полициски одговор“ на денешните масовни протести.
– Ситуацијата треба итно да се смири – изјави Бали Багајоко.
Тој рече дека е „релативно загрижен“ пред она што се очекува да биде најголемиот ден на протести.
– Државата реагираше бавно, дозволувајќи му на незадоволството да се гради со години – додаде тој.
Според податоците од француското Министерство за образование наставата е целосно или делумно прекината во 891 училиште низ Франција поради тековните протести.
Синдикатот на средни училишта Union Syndicale Lycéenne (USL), еден од организаторите на денешните протести, тврди дека 1.800 средни училишта во моментов се блокирани или затворени.
Националните училишни протести почнаа во пошироката париска област на 17 септември кога наставниците и учениците ги здружија силите за да протестираат против недостигот на персонал во средното училиште во Кретеј. Во предградието југоисточно од главниот град учениците ја бојкотираа наставата, организираа блокади и демонстрации, кои брзо се проширија во други блиски области, пред движењето да добие замав низ цела Франција.
Учениците се лути поради условите во француските средни училишта, особено недостигот на наставници, преполнетите училници, лошите или дотраени училишни згради и објекти, многу долгите училишни денови и тешките распореди, нееднаквоста меѓу училиштата и предложените намалувања на буџетот.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
