Комитетот за јавен ред и безбедност на префектурата Рим, на состанокот со кој претседаваше италијанскиот министер за внатрешни работи Матео Пјантедози, процени дека на плоштадот Свети Петар во Ватикан во сабота наутро на погребот на папата Франциско ќе бидат присутни повеќе од 200.000 луѓе.
Во Рим се очекува да пристигнат најмалку сто странски делегации. Како што е најавено, повеќето странски делегации ќе пристигнат во Рим во сабота и ќе заминат во текот на денот, додека американскиот претседател Доналд Трамп се очекува да пристигне во Рим во петок, пренесува Ал Џезира.
Папата Франциско, роден како Хорхе Марио Бергољо во Буенос Аирес, Аргентина, беше првиот папа од Латинска Америка. Тој почина на 21 април на 89-годишна возраст, а директорот на Одделот за здравје и хигиена на Ватикан, Андреа Аркангели, објави дека папата починал од мозочен удар и срцева слабост.
Како што соопшти Канцеларијата за литургиски настани во Ватикан, папата Франциско ќе биде погребан во сабота на 26 април.Во 10 часот во базиликата Свети Петар ќе започне верска церемонија. Погребот на починатиот поглавар на Католичката црква ќе го води кардиналот Џовани Батиста Ре.
Папата Франциско ќе биде погребан пред Ватикан во базиликата Света Марија Велика, едно од неговите омилени места.