Министерството за социјална политика, демографија и млади ќе ангажира физичко обезбедување на сите центри и јавни установи за социјална заштита на ниво на држава.
„Земајќи ја предвид сензитивноста на работните задачи на вработените во центрите за социјална работа кои се секојдневно изложени на ризик по сопственото здравје и живот, а во насока на нивна заштита Министерството и пред да се случи немилиот настан во Центарот за социјални работи Прилеп, ја започна постапката за физичко обезбедување на сите центри и јавни установи за социјална заштита на ниво на држава. Оваа постапка е во завршна фаза, што значи дека наскоро ќе биде објавен и јавниот оглас за јавна набавка“, соопшти Министерството.
Оттаму апелираат до сите институции навремено и ефикасно да преземаат дејствија кои се во рамки на нивните надлежности, а во насока на обезбедување на безбедност и сигурност на работните места на сите вработени.
Министерството изразува жалење за немилиот настан во Центарот за социјални работи во Прилеп и на повредената вработена ѝ посакува брзо закрепнување.
Во понеделникот, избеган штитеник од психијатриската болница во Демир Хисар пукаше во вработена во Центарот за социјални работи во Прилеп и ја рани.