Изградбата на интерконективниот гасовод со Грција, подготовката на гасното поврзување со Србија и активностите за оспособување на изградените домашни делници се конкретните процеси преку кои продолжува развојот на гасната инфраструктура во Македонија не се поврзани со промената на потпрограмата „Гасификација“ во Буџетот, појаснува Министарството за енергетика и рударство по реакциите на СДСМ и Левица дека се кратат пари за гасификацијата на земјата во ребалансот на буџетот.
Министерството појаснува дека буџетските усогласувања се разгледуваат според намената на средствата, условите за нивно користење и можноста за реализација во тековната година.
-Промената во потпрограмата „Гасификација“ не треба автоматски да се изедначува со кратење на средствата за изградба на гасоводите. И покрај претходно дадените појаснувања, продолжува да се изнесува неточното тврдење дека буџетското усогласување значи откажување од гасификацијата, со што јавноста се доведува во заблуда – велат од Министерството за енергетика.
Средствата за кои Министерството претходно даде образложение беа планирани за набавка и складирање природен гас за стратешки резерви.
-За нивно користење не е доволно само да се обезбедат гас и складиштен простор: потребен е и сигурен транспортен капацитет до Македонија. Ограничената достапност на прекуграничните капацитети кон Бугарија влијае врз можноста оваа набавка да се реализира според планираната динамика. Оттука, буџетското усогласување треба да се разгледува во контекст на реалните услови за снабдување, а не како одлука за напуштање на гасификацијата. Изградбата на гасоводната инфраструктура е одделен процес, со конкретни договори, извори на финансирање и технички фази- велат од Министерството.
Според Министерството, напредокот на интерконекторот со Грција, подготовката на поврзувањето со Србија и активностите на домашните делници се показателите според кои треба да се оценува реализацијата.
-На интерконекторот со Грција, според проектните податоци доставени на 19 октомври, испорачани се 64 километри цевки, заварени се 43 километри, а 18 километри се спуштени во ров. Реализацијата на експропријацијата е завршена со 97%. Проектот треба да биде завршен во средината на 2027 година. Финансиската конструкција на проектот опфаќа инвестициски грант и договори за заеми со Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој – велат оттаму.
Од министерството додаваат дека паралелно се подготвува интерконекторот со Србија, со предвидена должина од 23 километри на македонска територија. По договорот од 27 август 2026 година започнати се активности за дефинирање на трасата и проектирање. Според проектната документација, предвидено е финансирање од сопствени средства на НОМАГАС.
-Истовремено се работи и на создавање услови за пуштање во употреба на домашните гасоводни делници. На Клечовце–Неготино и Неготино–Битола, според доставените материјали, се спроведуваат активности за сервисирање, проверка на интегритетот и сушење, по што е предвидено тие да продолжат и на Скопје–Тетово–Гостивар. Трите делници имаат вкупна должина од 277 километри – појаснуваат од Министерството за енергетика и рударство.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
