Дел од луѓето кои живеат на најголемиот остров на светот се сликаа со Трамп Џуниор, синот на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, додека светот трепери пред најавите на неговиот татко дека не исклучува можност да испрати војска за да преземе контрола врз островот.
Критичарите на Трамп веќе ја нарекоа луда неговата идеја да ги припои Гренланд, Панамскиот канал и Канада за нови американски држави.
Но, се чини дека Данска, под чија јурисдикција е Гренланд, но и Европската унија многу сериозно ја сфаќаат изјавата на Трамп дека „не гарантира дека нема да употреби економска или воена сила“ во припојувањето на овие територии, кои, како што вели, се клучни за американската национална безбедност.
Европа нема да се двоуми за да одговори?
Што би значел нападот на САД врз членка на НАТО и како би изреагирале останатите сојузници имајќи го предвид членот 5 на Алијансата кој предвидува колективен одговор на непријателски оган?
Првиот човек на француската дипломатија даде свој одговор.
– Очигледно не постои сомнеж дека Европската унија би дозволила другите нации во светот да ги нападнат нејзините суверени граници, кои и да се тие… Ние сме силен континент – изјави Жан-Ноел Баро.
Мештаните сакаат самостоен Гренланд
На чија страна се граѓаните на автономниот Гренланд? Во 2008 година на референдум тие изгласаа Закон за самоуправа со кој преземаат поголем број ингеренции од данскaта влада, но одбраната на земјата, економската и надворешната политика остануваат грижа на Копенхаген.
Гренландскиот премиер Муте Егеде, кој неодамна ги засили напорите за независност од Данска, постојано изјави дека островот не е на продажба и дека зависи од неговиот народ да одлучи за нивната иднина, пишува Ројтерс.
– Додека другите, вклучително и Данците и Американците, имаат право на свое мислење, ние не треба да бидеме фатени во хистеријата и да дозволиме надворешните притисоци да нè одвлечат од нашиот пат – рече Егеде во вторникот.
Гренланд е дом на 57.000 луѓе, а најголемиот дел од нив се Инуити. Главниот град е поблиску до Њујорк отколку до Копенхаген.
Данска не е баш сигурна во поддршката од Гренланд
И премиерката на Данска, Мете Фредериксен, повеќепати ги повтори цврстите ставови дека островот кој веќе 600 години е под данска управа не е и нема да биде на продажба.
За разлика од Трамп кој на својата социјална мрежа „Вистина“ напиша дека слушнал оти луѓето на Гренланд се „МАГА“, Фредериксен смета дека Данска ја има јасната поддршка од народот на Гренланд кој, како што таа вели, сам ќе ја избере својата иднина.
– Треба да останеме смирени и да се држиме до нашите принципи – изјави Фредерискен за данската телевизија ТВ2 истовремено пофалувајќи ги САД како клучен дански сојузник.
1,5 милијарди долари за одбрана и една луда идеја
На крајот на декември, кога Трамп ја објави својата желба да го купи островот, Данска обзнани дека ќе потроши близу 1,5 милијарди евра за одбрана.
Во меѓувреме синот на Трамп прикачи видео на кое наводно се гледа како Гренландец бара од САД да ја купат неговата земја. Тој се сретна со мештаните, ги посети важните места од културата, сими поткаст.
„Дон Џуниор и моите претставници слетуваат на Гренланд. Приемот беше одличен. Ним и на Слободниот свет им треба безбедност, сигурност, сила и МИР! Ова е договор што мора да се случи“, напиша Трамп за посетата на неговиот син на градот Нуук.
Џим Хајмс, претставник од демократите во Конгресот на САД ја нарече луда најавата на Трамп за островот.
– Данска, која го поседува Гренланд, мислам дека тоа веројатно е факт што го учат повеќето Американци, е сојузник на НАТО. Значи, тоа е само целосно лудило од гледна точка на националната безбедност, а исто така е антагонизирачко – се налути Хајмс, претставник на САД за четвртиот конгресен округ во Конектикат, јави Политико.
Островот им е клучен на САД поради една причина
Гренланд е автономна територија на Данска од 1979 година, а на островот има и голема американска база. Една од причините зошто многу американски претседатели уште од 1700-тите години сакале да го анектираат е тоа што островот е најкратка и единствена копнена рута меѓу САД и Европа.
Островот има некои од најголемите наоѓалишта на минерали од ретки земји, кои се клучни во производството на батерии и високотехнолошки уреди. Трамп посочи дека Гренланд е клучен за воените напори за следење на кинеските и руските бродови, за кои рече дека се „насекаде“.
– Зборувам за заштита на слободниот свет – им рече тој на новинарите.
Во 1946 година американскиот претседател Хари Труман понуди да го купи Гренланд од Данска за 100 милиони долари во злато. Во 1970-тите, потпретседателот Нелсон Рокфелер, исто така, разговараше за купување.
Канада да биде американска држава? Топки!
Најновите изјави на Трамп дека не исклучува воена анексија на Гренланд и на Панама „која била изградена за американската војска“ дојдоа на новинарско прашање во врска со неговата препирка со канадскиот премиер Џастин Трудо за можното припојување на Канада.
– Можеби ќе треба да направиме нешто. Панамскиот канал е од витално значење за нашата земја. Со него управува Кина. Ние го дадовме Панамскиот канал на Панама, не ѝ го дадовме на Кина – им рече тој на новинарите за време на широката прес-конференција во неговиот имот Мар-а-Лаго на Флорида.
Препирката меѓу Трамп и Трудо се случи на денот кога Трудо објави дека дава оставка од лидерското столче на неговата Либерална партија во Канада, Трамп ги повтори неговите желби за припојување на Канада како 51. членка на САД и му порача на Трудо дека САД и Канада заедно би биле и те како голема нација.
На ова Трудо подоцна одговори дека нема шанси, „топки“, дека Канада да стане дел од САД.
Кој ја контролира Панама, тој ги контролира царините
А, во што се состои фасцинацијата на новоизбраниот американски претседател со Панамскиот канал, точката која ги поврзува Атлантскиот и Тихиот Океан? Каналот бил изграден од САД на почетокот на 20 век и ѝ беше предаден на Панама во 1999 година со договор од 1977 година.
Трамп во декември се закани дека ќе побара враќање на контролата врз Панамскиот канал доколу Панама не ги намали царините за американските бродови.
Претседателот на Панама, Хозе Раул Мулино му одговори дека „секој квадратен метар од Панамскиот канал и неговите соседни зони е дел од Панама и ќе продолжи да биде“.
Панамскиот канал е единствено контролиран од истоимената земја повеќе од 25 години. САД ја вратија зоната на Панамскиот канал во земјата во 1979 година и го завршија своето заедничко партнерство во контролирањето на стратешкиот воден пат во 1999 година.
Мексиканскиот залив да стане Залив на Америка
Меѓу другите работи кои Трамп ги спомна на прес-конференцијата, тој предложи преименување на Мексиканскиот Залив во „Заливот на Америка“ и го повтори своето противење на енергијата на ветерот, велејќи дека турбините на ветер ги „полудуваат китовите“.
Трамп уште во 2019 година изјави дека сака да го купи Гренланд, а тогаш беше одбиен од данскиот државен врв. Неговите изјави за Гренланд и Канада фрлаат нови стравови во северна хемисфера на планетата во светло на актуелните случувања во светот, војната во Украина, Израел, ситуацијата во Сирија, заканите за конфликт на далечниот Исток.
Откако Трамп ќе биде инаугуриран на 20 јануари во Белата куќа, топката се чини дека ќе биде во дворот на Европа.