Македонија на 12 август ќе има можност да биде сведок на делумно затемнување на Сонцето, а астрономите посочуваат дека, иако затемнувањето ќе биде мало, станува збор за редок небесен настан што вреди да се проследи.
Според експертите за астрономија, затемнувањето ќе започне во вечерните часови, кога Месечината ќе почне делумно да го покрива сончевиот диск. Во југозападниот дел од земјата ќе биде покриен мал дел од Сонцето – околу 6,36 проценти од неговиот дијаметар, односно приближно 1,91 процент од вкупната површина.
Бидејќи Месечината ќе допре само мал дел од Сонцето, експертите предупредуваат дека за безбедно и јасно набљудување ќе бидат потребни специјални заштитни очила за набљудување на Сонцето или соодветни соларни филтри. Гледањето директно во Сонцето без заштита може сериозно да го оштети видот.
Дополнителен предизвик ќе биде тоа што затемнувањето ќе се случува непосредно пред зајдисонце, па на многу места Сонцето ќе исчезне зад хоризонтот пред да се достигне максимумот на појавата.
Поради тоа, астрономите препорачуваат набљудувањето да се организира од повисоки места со отворен поглед кон запад и северозапад, каде Сонцето ќе остане видливо нешто подолго и ќе може да се проследи најинтересниот дел од затемнувањето.
Иако целосното затемнување ќе биде видливо од северна Шпанија и источниот брег на Гренланд, Македонија ќе биде меѓу земјите од кои ќе може да се следи делумната фаза. Според проценките на експертите, најдобри услови за набљудување во земјава ќе има во гостиварскиот регион, особено од повисоките предели на Сува Гора.


