Недавниот инцидент со Зоран Сарафилоски, поранешен висок функционер во Министерството за внатрешни работи, во кој беше фатен како краде во КАМ маркет во Охрид, поставува сериозни прашања за транспарентноста и јавниот интерес. Веста, која беше објавена од официјални извори на МВР, предизвика лавина реакции, како на социјалните мрежи, така и преку телефонски јавувања до редакцијата Охридскај од страна на граѓаните, кои ја осудуваат постапката на поранешниот полицаец. Многумина ја изразија својата поддршка за откривањето на ваквиот инцидент, сметајќи дека јавноста има право да биде информирана за такви случаи, особено кога се работи за лица кои обавувале високи и одговорни позиции во безбедносниот систем.
Со оглед на тоа што Зоран Сарафилоски бил на важни позиции во СВР Охрид, неговата постапка фрла сенка на целокупниот безбедносен систем! Неговиот чин на крадење, иако ожеби мал во вредност на украдена стока, поставува прашање за моралната и професионалната исправност на лица кои носеле голема одговорност за безбедноста на граѓаните. За ваквото поведение не би требало да има оправдување, бидејќи тоа е јасен показател за злоупотреба на позицијата, иако вредноста на украдената стока не била висока.
Поголемиот проблем кој се поставува е тоа што правниот систем не дозволува доволно значајна санкција за вакви случаи. Бидејќи штетата на „Кам маркети“ е мала, оштетениот е упатен да го тужи Сарафилоски по приватен пат, што го поставува прашањето за правдата и функционирањето на правниот систем. Како е можно да лице кое претходно било на важни позиции во полицијата, да избегне правна одговорност за ваков чин? Ова е уште еден показател за системскиот проблем во правосудството и непосветеноста на правната власт да се справи со поранешните функционери.
Објавувањето на оваа вест има големо значење за јавниот интерес, бидејќи граѓаните имаат право да бидат информирани за какви било злоупотреби и несоодветни постапки од страна на лица кои носеле одговорност. Јавноста има право да знае како функционира безбедносниот систем и дали оние лица кои биле на највисоки позиции го злоупотребиле својот авторитет?!
Ова е важно за враќање на довербата во институциите и за осигурување дека секој, без оглед на неговата функција, ќе биде подложен на исти правни стандарди и одговорност.
Затоа, јавната објава на вакви случаи не е само прашање на информирање на јавноста, туку и на гарантирање на транспарентноста и на правичноста во процесите кои го обликуваат нашиот општествен и правен систем.
Сашо Денесовски