Актерката Лиза Кудроу гостувала во „Емисијата на Дру Баримор“, каде открила дека неодамна пронашла белешка којашто нејзиниот покоен колега Метју Пери ѝ ја дал на снимањето на финалето на серијата во 2004 година. Тоа писмо досега било скриено во подарената тегла за колачиња.
– Метју ми ја даде на крајот од нашата последна епизода. А неодамна најдов и порака во тој сад, што тој ми ја наменил мене. Ја немав отворено теглата, ниту пак, погледнав внатре. Но, да – внатре имаше порака, и јас сум заборавила на тоа. За сè има вистински миг – рекла ѕвездата на „Пријатели“.
Инаку, Лиза ја играше Фиби во хит-серијата „Пријатели“, а славната шесторка оттогаш стана неразделна.
Пери кој го глумеше Чендлер Бинг во американската хумористична хит-серија, почина лани во октомври, од „акутни ефекти од злоупотреба на кетамин“, на 54-годишна возраст. По неговата смрт, другите ѕвезди од „Пријатели“ – Џенифер Анистон, Кортни Кокс, Мет Лебланк, Дејвид Швимер и Лиза Кудроу објавија заедничка изјава.
Нивната главна порака гласеше: „Ние сме семејство“.
Во 2021 година, екипата имаше повторен собир во ТВ-документарецот, првпат откако серијата ја прослави својата 10-годишнина во 2004 година, а воедно и крајот на приказната.
Во врска со смртта на Пери, пет лица беа обвинети. Следно, основана е и фондација на негово име, со цел да им се помогне на лицата кои се борат со зависности.