Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Русија би можела да ја уништи Европа во „кратка“ војна, истовремено обвинувајќи ги европските лидери дека забрзано се подготвуваат за вооружен конфликт со Москва.
Обраќајќи им се на новинарите на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, Лавров предупреди дека војната меѓу Европа и Русија би можела да стане „пророштво што ќе се оствари“.
– Немаме намера да се бориме против Европа ниту да влегуваме во војна со неа, тоа се чисти бесмислици. Меѓутоа, Европа се подготвува за војна со нас. Тие постојано повторуваат дека мора да бидат подготвени за војна најдоцна до 2030 година – изјави Лавров.
Тој додаде дека таквото сценарио би можело да се оствари бидејќи европските земји во моментов вложуваат огромни средства во производство на оружје.
– Во одреден момент, некој авантурист, а меѓу тие елити ги има многу, ќе каже: „Луѓе, собравме толку многу оружје, што сега да правиме со него? А, да, ветивме дека ќе ја нападнеме Русија“. Во тој случај, ако нè нападнат, сигурно нема да седиме со скрстени раце – порача рускиот министер.
Алузирајќи на можноста за употреба на нуклеарно оружје, Лавров додаде:
– Тоа би била целосно поинаква војна и би била кратка.
Изјавите на Лавров уследија само неколку часа откако, на маргините на заседанието на Генералното собрание на ОН, тој се сретна со германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул. Тоа беше нивна прва директна средба од периодот пред почетокот на руската инвазија врз Украина во 2022 година.
Лавров истовремено ја обвини Германија дека тежнее кон создавање „Четврти рајх“ и дека поттикнува „нацизам“ во Европа.
– Овој тренд во Европа не се огледува само во отворената поддршка на нацизмот во Украина. Германскиот канцелар Фридрих Мерц повеќепати повтори, и тоа не беше лапсус, дека целта е Германија повторно да стане водечка воена сила во Европа – изјави Лавров.
Осврнувајќи се на улогата на Германија во Втората светска војна, тој додаде:
– Дали тој воопшто разбира што во овој контекст значи зборот „повторно“?
Вадефул подоцна ги информирал европските сојузници за разговорот, наведувајќи дека ја искористил средбата за повторно да го истакне германскиот став за руската агресија врз Украина и да повика на итен и целосен прекин на огнот, со посебен фокус на извозот на жито и заштитата на енергетската инфраструктура.
Тензиите меѓу Берлин и Москва дополнително се зголемија откако германските власти заклучија дека Русија стои зад обидот за напад со дрон врз аеродромот Лајпциг/Хале на 4 август.
Германскиот министер за внатрешни работи Александар Добринт претходно овој месец изјави дека, врз основа на анализата на технологијата на употребениот дрон и разузнавачките податоци, недвосмислено било утврдено дека Русија е одговорна за, како што го нарече, хибридниот напад.
– Инцидентот во Лајпциг не го гледаме изолирано, туку како дел од пошироки хибридни активности. Претпоставуваме дека Германија е цел на нови руски напади од овој вид – предупреди Добринт.
Вадефул тогаш најави дека Германија до крајот на месецот ќе го затвори рускиот конзулат во Бон и ќе го раскине договорот за користење на Рускиот дом, културниот центар во Берлин.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
