Општина Крива Паланка ја поздрави информацијата за вчерашната одлука на Владата, со која се утврдуваат конкретни задолженија на надлежните државни институции за решавање на долгогодишниот проблем со говедата на територијата на општината.
Како што соопшти Општината, со владините задолженија се утврдуваат конкретни обврски на надлежните институции:
– Агенцијата за храна и ветеринарство да ги залови и одземе говедата и да биде носител на оперативни активности.
– Агенцијата за управување со одземен имот да ги преземе, транспортира, смести и згрижи одземените говеда.
– Министерството за внатрешни работи со полициска асистенција да ги обезбедува теренските активности.
– Центарот за управување со кризи е задолжен за оперативна координација.
– Дирекцијата за заштита и спасување за обезбедување на неопходната логистичка, техничка и кадровска поддршка.
– Бирото за процена треба да ја утврди вредноста на одземените говеда.
Според градоначалникот Сашко Митовски, ова е значаен чекор напред.
– На институциите ќе им дадеме шанса и простор да го реализираат Акцискиот план и во овој момент ги ставаме во мирување плановите за најавените протести – соопшти тој.
Митовски посочува дека остануваат отворени суштински прашања во однос на динамиката, опфатот и целосната реализација на предвидените активности.
– Како градоначалник останувам претпазлив, особено поради фактот што во информацијата усвоена од Владата не се утврдени конкретни рокови за донесување на Акцискиот план, ниту за почеток и завршување на теренските активности. Дополнително, предвидената акција ги опфаќа говедата за кои постојат правосилни и извршни решенија за одземање, а останува отворено прашањето за постапувањето со останатите говеда што го создаваат проблемот. Нема ниту одговор на прашањето за обесштетување на граѓаните кои претрпеа материјални штети. На дневна основа активно ќе го следам исполнувањето на секое од задолженијата на надлежните институции. Очекувам конкретни резултати на терен, без дополнително одолговлекување. Ставањето на протестите во мирување е израз на нашата подготвеност да им дадеме простор на институциите да постапат, но во никој случај не значи откажување од нашите барања за целосно и трајно решавање на проблемот – нагласи Митовски.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
