Министерството за здравство попладнево информира за успешна трансплантација на Клиниката за ортопедија, со имплант, односно со коска од починат донор, што е имплантирана на два прста кај 13-годишно дете со брахидактилија.
Како што истакнуваат од Министерството, кај нас за првпат е извршен ваков тип трансплантација. Детето, нагласуваат од Министерството, е со уреден постоперативен тек.
Во пишаната изјава на проф. д-р Билјана Кузмановска, национален координатор за трансплантација, се наведува дека тие ќе продолжат со уште посилно темпо, заедно со сите чинители, да ја подигнуваат свеста за овој акт на човекољубие.
„Изразувам посебна благодарност и честитки за целиот тим предводен од д-р Даница Поповска и доц. д-р Илир Шабани, како и сите здравствени работници кои учествуваа во оваа трансплантација – д-р Лилјана Ангелеска, д-р Теодора Божиновска, д-р Филип Видоевски, инструментарки Сузана Пејчиновска, Арјета Мемети, анестетичар Менка Дојчиновска, радиолошки технолог Крешник Шеху и гипсер Ирена Галевска“, напиша Кузмановска на социјалните мрежи.