Коридорот 8 е многу повеќе од транспортна рута – тој е стратешка визија што ги поврзува Јадранското и Црното Море, Европската Унија и Западен Балкан, како и нашите економии и безбедносни интереси, истакна денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски кој учествуваше на Меѓународната конференција за Коридорот 8, каде што се обрати на панелот на високо ниво „Геостратешки контекст на Коридорот 8“.
– Во време на геополитички и економски предизвици, потребни ни се конкретни резултати, усогласена динамика и видлив напредок по целата траса. Нашите граѓани и европските партнери ќе го оценуваат Коридорот 8 според инфраструктурата што навистина ќе ја изградиме. Ја потврдив нашата решеност да го исполниме својот дел од обврските и, заедно со Бугарија, Албанија и европските партнери, да ја забрзаме реализацијата на Коридорот 8. Поврзаноста значи поголема безбедност, отпорност и економски развој за целиот регион – објави тој на својот профил на Фејсбук по конференцијата.
Домаќин на средбата беше бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова-Чамова, со која Муцунски треба да оствари средба на маргините на конференцијата.
– Коридорот 8 е стратешки проект за нас. Тој е приоритет со години, но не секогаш се работи на него со доволно ниво на активност што е потребно. Состанокот е можност да се одржи политичкиот моментум, да се види до каде се стигнати релевантните проекти и делови од него и да се престане да се размислува само за мали проекти, туку како за еден голем коридор што треба да се заврши – изјави министерката за надворешни работи на Бугарија, Велислава Петрова пред почетокот на Конференцијата во Софија.
Следната година Софија ќе биде домаќини на форум за поврзување, каде фокусот ќе биде на Средниот коридор.
– Кога овој коридор ќе стигне до Бугарија, треба да почне да нè поврзува со остатокот од Европа и Западен Балкан. Коридорот 8 е токму оваа врска што можеме да ја имаме со земјите од Западен Балкан. Работиме на исполнување на роковите, мислам дека до 2032 година – рече Петрова и додаде дека Бугарија има политичка волја, а Коридорот 8 има потенцијал и за железничка поврзаност и за енергетска и воена мобилност.
Еврокомесарката за проширување Марта Кос по пристигнувањето во Софија рече дека Бугарија е порта кон Европа за регионот на Црното Море, како и за Турција, а Западен Балкан игра многу важна улога на поврзување. Таа истакна дека во регионот се спроведуваат над 130 проекти, вклучително и изградба на нови патишта и железници и за подобрување на граничните премини.
– Но, мојата визија како комесарка за проширување оди многу подалеку. Мојата визија е дека еден ден целиот Западен Балкан ќе биде дел од нашата Европа – рече Кос.
Според неа, тогаш граничните премини и транспортните врски за кои се зборува денес повеќе нема да имаат исто значење, „затоа што ќе бидеме една Европа“.
– Една Европа што работи заедно – ова е визијата кон која работиме во Брисел, тука во Софија, на Западен Балкан и, секако, во земјите-членки – додаде Кос.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
