Во главниот град на Црна Гора, Подгорица, синоќа се одржа концерт на светската музичка ѕвезда Рики Мартин. Поводот беше голем – прославата на 20-годишнината од обновата на независноста на Црна Гора, пишуваат црногорските медиуми.
Десетици илјади граѓани го исполнија Плоштадот на независноста во Подгорица за да го гледаат настапот на порториканската ѕвезда во живо, објавија црногорските медиуми. Не само што Плоштадот на независноста беше целосно исполнет, туку преполни беа и околните улици и ресторани.
Пред Рики Мартин, како вовед во музичкиот спектакл, настапија и домашни изведувачи. Очекувањето го достигна својот врв кога Рики Мартин излезе на сцената, поздравен со стоечки овации и громогласен аплауз од воодушевената публика.
Ѕвездата на вечерта веднаш ѝ се обрати на публиката, честитајќи им го Денот на независноста и ветувајќи незаборавна ноќ:
– Ви благодарам многу. Ова ќе биде многу убава вечер. Ќе биде многу убаво и можам да го видам тоа во вашите очи, насмевки и енергија. Вечерва ќе биде посебна во Црна Гора. Дали сте подготвени да се забавувате, Црна Гора?