Актерот Овен Рис Дејвис, кој публиката го памети најмногу по улогата на агентот Вилсон во серијата „Твин Пикс“, почина на 44-годишна возраст.
Тажната вест ја потврди неговиот брат Родри Дејвис во објава на Инстаграм. Според него, Дејвис починал ненадејно, од природна смрт и мирно. Родри се збогува со својот брат со емотивни зборови.
– Знаеме дека оваа загуба ќе влијае на многумина и наоѓаме утеха во сознанието колку бил сакан – напиша тој, додавајќи дека „постојат прашања за околностите на неговата смрт кои остануваат неодговорени“ и побара приватност за семејството.
Велшкиот актер имаше голем број значајни улоги во текот на својата кариера. Покрај „Твин Пикс“, гледачите можеа да го видат и во серијата на Нетфликс The OA, филмот „Алиса од онаа страна на огледалото“ и хорор-комедијата „A Serial Killer’s Guide To Life“.
Со него се збогуваа и на официјалниот профил на серијата „Твин Пикс“.
– Нашите мисли се со неговото семејство, пријателите и сите што го познаваа и го сакаа. Ти благодариме што беше дел од светот на „Твин Пикс“, агенту Вилсон – напишаа тие.
Националниот театар на Велс, исто така, му оддаде почит.
– Овен беше извонреден талент чија работа го збогати велшкиот театар и филм, а неговиот придонес во сценските уметности ќе биде запаметен од публиката, колегите и пријателите. Неговата страст, креативност и посветеност на неговиот занает оставија траен белег врз културниот живот на Велс. Велшката заедница на сценски уметности е посиромашна поради неговата загуба и можеме само да замислиме уште колку приказни би раскажал. Cysga’n dawel, Owain“, порачаа од театарот.



