Четири дена по инцидентот што го потресе главниот град на Кина, властите сè уште не објаснија како едномоторен авион успеал да прелета над дел од градот што важи за едно од најстрого контролираните воздушни подрачја во светот.
Наместо одговори, снимките исчезнаа од интернет. Исчезнаа и дискусиите. Остана само кратко официјално соопштение.
Целиот официјален одговор на кинеските власти досега се сведе на кратка вест од околу 60 зборови објавена во државните медиуми. Во меѓувреме, дупките на фасадата на 109-катната кула CITIC веќе се санирани.
Снимките од ударот, кои за неколку часа го обиколија светот, беа избришани од кинеските платформи. Според извештаи на Би-Би-Си, исчезнувале дури и фотографии и мемиња поврзани со облакодерот, иако немале врска со самиот инцидент.
Најмалку три компании потврдиле дека по несреќата добиле наредба да ги приземјат лесните авиони. Но никој не сака да објасни кој ја издал наредбата и зошто.
– Ни беше кажано да не зборуваме за ова – изјавил вработен во школа за обука на пилоти за Би-Би-Си.
Сличен одговор добиле и други медиуми.
Најголемото прашање не е самиот пад на авионот. Прашањето е како леталото воопшто стигнало до таму. Во непосредна близина се наоѓа Џонгнанхај, комплексот од кој се управува Кина и каде работи државниот и партискиот врв.
Околу политичкото срце на земјата постои трајна зона на ограничено летање, а Пекинг последните години дополнително ги заостри правилата дури и за беспилотните летала.
Затоа аналитичарите инцидентот го опишуваат како безбедносен пропуст што тешко може да се игнорира.
Кинескиот аналитичар Бил Бишоп оцени дека леталото било само неколку секунди оддалечено од многу почувствителна цел. Според него, доколку продолжело уште малку, можело да се приближи до самиот Џонгнанхај.
Токму затоа во дел од анализите не се поставува прашањето дали инцидентот е сериозен, туку колку сериозен можел да стане.
Засега нема официјално објаснување. Можно е да станува збор за пилотска грешка. Можно е да имало технички дефект.
Но токму молкот на властите отвори простор за бројни шпекулации. Некои експерти предупредуваат дека без официјален извештај не може целосно да се исклучи ниту можноста летот намерно да бил насочен кон градското јадро.
Пилотот бил единственото лице во авионот и загинал во несреќата.
Дел од аналитичарите прават споредба со еден од најпознатите безбедносни дебакли од времето на Студената војна. Во 1987 година, германскиот аматерски пилот Матијас Руст успеа да слета со мал авион на Црвениот плоштад во Москва.
Настанот тогаш откри сериозни слабости во советскиот систем за воздушна одбрана и доведе до разрешувања во безбедносниот апарат.
Некои набљудувачи сметаат дека и во Кина би можеле да следуваат слични последици.
Други прават далечна споредба со инцидентите во САД од 11 септември кога авион се урна во кулите близначки во Њујорк.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
