Со целовечерен концерт на Ансамблот „Танец“ и настап на КУД „Ѓердан од бисери“, вчеравечер во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид беше отворено 65. јубилејно издание на Балканскиот фестивал на народни песни и игри, една од најзначајните фолклорни манифестации во регионот.
Фестивалот традиционално ги обединува ансамблите од Балканот, кои преку музика, игра и народни носии ја претставуваат богатата културна разноликост и автентичност на своите земји.
На свеченото отворање на фестивалот се обрати Претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиновски.
- Неописливо е чувството на привилегија и чест што вечерва сум тука, заедно со Вас и што сум дел од отворањето на годинешното, јубилејно издание на Балканскиот фестивал на народни песни и игри.
Цели 65 години, Охрид живее со оваа значајна манифестација и преку невидливи, но силни нишки на традицијата, од година во година го зацврстува и го чува она што е највредно, нашата културна меморија, нашето заедништво и нашиот национален идентитет.
На почетокот на јули, охридските улици дишат во ритамот на фолклорот. Градот станува сцена на која се среќаваат ора, носии и култури од целиот Балкан. Во овие денови, преку играта и песната, повторно се потсетуваме дека различностите не зближуваат едни со други и не учат на меѓусебно почитување.
Овој јубилеј е доказ за континуитет, посветеност и искрена љубов кон традицијата. Тој е доказ дека она што е вистински вредно не избледува со времето, туку се пренесува од генерација на генерација, добивајќи нови значења и нова енергија.
Македонскиот фолклор, со својата автентичност, богат ритам и длабока емоција, претставува важен дел од балканското културно богатство. Тој е нашиот корен и нашата обврска, да го чуваме, негуваме и достоинствено да го оставиме во аманет на идните поколенија.
На сите учесници им упатувам искрена благодарност за нивниот труд и посветеност. Ви посакувам успешни настапи, топол прием од публиката и уште многу убави и незаборавни моменти во Охрид, градот на светлината и културното наследство.
Верувам и посакувам овој фестивал да продолжи да биде столб на нашата култура и традиција, симбол на заедништво и почит меѓу народите. Нека е честит јубилејот на фестивалот и нека продолжат да се испишуваат нови и поуспешни страници на оваа охридска и македонска фолклорна приказна, истакна Божиновски.
Во името на Собранието на Република Македонија свое обраќање имаше пратеничката од Охрид, Грација Бакраческа.
Во рамки на тридневната фестивалска програма, љубителите на фолклорот ќе може да погледнат настапи на фолклорни ансамбли од Македонија и од неколку балкански земји.
Фестивалот е под покровителство на Собранието на Република Македонија и поддржан од Министерството за култура и туризам и Општина Охрид.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
