Откако Јелена Карлеуша објави дека сака да учествува на Евровизија, уредничката на забавната програма на РТС, Оливера Ковачевиќ, изјави дека тоа е невозможно, објави Новости.
Во јавноста со години се зборува дека Јелена Карлеуша треба да ја претставува својата земја на престижниот музички натпревар „Евровизија“.
„Почитувани следбеници, домашни и странски медиуми, граѓани, размислувам годинава да го потврдам моето учество на ‘Евросонг’. Што мислите за тоа?“, напиша Карлеуша на својот инстаграм-профил, што наиде на воодушевување кај нејзините следбеници“.
Објавата на Карлеуша предизвика вистинска бура на социјалните мрежи, па за зборовите на музичката ѕвезда проговори и уредничката на забавната програма на РТС, Оливера Ковачевиќ.
– Жал ни е што Јелена Карлеуша задоцни со пријавувањето и што нема да може да учествува на изборот „Песна за Евровизија ’25“ бидејќи конкурсот за поднесување композиции заврши на 10 ноември 2024 година. Познати се имињата на годинешните 30 натпреварувачи, а нивните композиции се објавени на каналот Јутјуб на 27 јануари. Ќе ни биде драго да ја видиме Јелена Карлеуша на „Песна на Евровизија“ следната година – изјави Оливера Ковачевиќ за порталот Србија Данас.