Досегашната истрага за бегството на обвинетата Ива Михаилова од Кочани во Бугарија покажа дека таа во критичниот период не е евидентирана ниту при влез или излез од државата на македонските гранични премини, ниту на камерите на безбедносните системи, изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во интервју за Сител.
Тој посочи дека првичните информации кои се добиени и од бугарската гранична полиција се дека нема евиденција за влез или излез на Михаилова од Бугарија во текот на 2026 година.
Според Тошковски, ниту една од камерите и безбедносните системи со кои располагаат македонските институции не го регистрирала нејзиното движење во критичниот временски интервал – од вечерта кога била забележана во локал во Кочани до моментот кога се појавила во медиумите во Бугарија.
Ива Михаилова последен пат во Македонија била забележана во саботата, на 10 октомври 2026 година, во кафуле во Кочани, а на бугарските медиуми се појави на 12 октомври.
– Досегашниот дел од истрагата потврди дека не само што ја нема во македонските евиденции за влез и излез во текот на 2026 година, туку првично и бугарската гранична полиција ни потврди дека нема евиденција за нејзин влез или излез во текот на оваа година. Ниту на една од камерите, ниту на еден од системите што ги имаме не е детектирана – рече Тошковски.
Осврнувајќи се на шпекулациите и информациите што се шират во јавноста за наводна улога на полициски службеници во нејзиното заминување, Тошковски рече дека досегашните сознанија не упатуваат на такво нешто.
– Ова лице, заедно со другото лице, во тој критичен временски интервал не е регистрирано на ниту една од камерите. А камоли полициските службеници да ја поздравуваат, да ја величаат и да зборуваат колку е значајна за светот, како што се обидува да се наметне со пропагандата што, за жал, се шири – изјави министерот.
Тошковски оцени дека суштинското прашање е начинот на кој Михаилова ја напуштила земјата, со оглед дека не ја преминала легално државната граница преку официјален граничен премин.
Во врска со евентуална одговорност на полициските службеници од граничните премини и од Полициската станица во Кочани, министерот рече дека врз основа на информациите со кои располага и досегашната истрага не е утврдена нивна вина.
Тој појасни дека Михаилова до моментот на бегството редовно се пријавувала во термините што ѝ биле определени со судска одлука, а државата ја напуштила нелегално, надвор од официјален граничен премин.
Министерот оцени дека Бугарија, како соседна земја и членка на Европската Унија, станува заштитник на осомничени и осудени криминалци.
На Ива Михаилова во судот во Кочани ѝ се суди за сообраќајна несреќа со смртни последици.
Tagged as:
ИВА МИХАИЛОВА ИЗБЕГАЛА ВО БУГАРИЈА НАДВОР ОД ГРАНИЧНИТЕ ПРЕМИНИ
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
