Македонскиот тутун се издвојува како еден од најконкурентните во регионот, особено кога заеднички се земаат предвид пазарната цена и државните субвенции за земјоделците, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски одговарајќи на пратенички прашања во Собранието.
Одговарајќи на пратеничко прашање од Сали Мурати од „Европски фронт“, дали државата го гарантира класирањето и понудената откупна цена на тутунот, обвинувајќи за селективност и намерно пониско оценување, Серафимовски соопшти дека вчера официјално започна предвремениот откуп на тутунот за реколтата 2026 година, иако законскиот рок за почеток на откупот кај сите 334 регистрирани откупни центри во Македонија е најдоцна до 15 декември.
Според Серафимовски овогодишната реколта на тутун се проценува на околу 26 до 30 тони, засадена на површина од приближно 15.100 хектари, што претставува зголемување во однос на минатата година и исклучително висок квалитет.
– За разлика од минатата година имаме зголемување и оваа година квалитетот на тутунот можеме да кажеме дека е на едно одлично ниво. Тој квалитет на тутун не прави едни од најконкурентни во регионот со цената. Ако ги следите анализите на цените на тутунот ќе забележите дека нашиот тутун во регионот и сите оние производители на ориенталниот тутун имаме најдобра цена, ако ги ставиме заедно цената и субвенциите коишто ги добиваат земјоделците – појасни Серафимовски.
Серафимовски нагласи дека согласно реколтата којашто се очекува од страна на тутунарите и процената којашто ја имаат компаниите, бројките покажуваат дека целиот тутун којшто ќе биде произведен годинава ќе биде откупен.
– Имаме околу 18.000 тутунари коишто имаат склучено некаде над 30.000 договори со компаниите. Тоа се 10 компании коишто имаат лиценца за работа и се регистрирани за откуп на тутун. Според податоците, склучени се договори за околу 31,5 милиони килограми, што гарантира дека целиот произведен тутун ќе биде откупен – изјави Серафимовски.
Серафимовски рече дека тутунот е една од најрегулираните култури во земјава.
– Цената на тутунот не ја регулира државата, туку цената на тутунот се регулира помеѓу откупувачите и производителите, односно тутунарите. Тутунот е една од најрегулираните земјоделски култури во Македонија во поглед од планираното производство, планираните површини, склучување на договор за откуп, исплата, рокови за предавање, значи од почеток до крај имаме една комплетна слика и следливост на овој процес – изјави Серафимовски.
Во однос на цената и откупот, Серафимовски, нагласи дека Државниот инспекторат за земјоделство веќе врши активни контроли на терен во откупните пунктови низ државата.
– Сите инспектори коишто се ангажирани, еве и денеска добив информација од директорот во утринските часови дека веќе се излезени на терен и сите откупни пунктови. Вчера беа започнати некаде околу 34 само на тутунскиот комбинат и уште на три други компании. Значи инспекторатот го следи овој процес, проверуваат дали имаме цени истакнато, дали имаме мостри од тутунот коишто претходно мостри пред откупот се носат во Институтот за тутун и од страна на комисијата се дава решение и мислење – појасни Серафимовски.
Дополнително, како што нагласи, на секој од 334-те откупни центри ангажирани се овластени проценители и претставници од Сојузот на тутунари кои директно го следат и го контролираат процесот во интерес на земјоделците.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
