Новоизбраниот претседател Доналд Трамп денеска зборуваше од неговата резиденција во Мар-а-Лаго, Флорида, и одговараше на прашања на новинарите.
– Можете ли да му дадете гаранција на светот дека нема да употребите економска или воена сила додека се обидувате да ја преземете контролата врз тие области? – го праша новинарот.
– Не – кратко одговори Трамп. Неговата неочекувана изјава доаѓа две недели пред тој повторно да влезе во Белата куќа на 20 јануари.
– Можете ли да ни кажете малку повеќе за тоа кој е вашиот план? Дали ќе преговарате за нов договор? Дали ќе побарате од Канаѓаните да одржат гласање? Која е стратегијата? продолжи новинарот.
– Не можам да ви гарантирам. Зборувате за Панама и за Гренланд. Не можам да ви гарантирам за нив. Но, можам да кажам дека ни се потребни за економска безбедност. Панамскиот канал е изграден за војската – рече Трамп.
Нема да се обврзам на тоа, повтори тој, на прашањето дали ќе ја исклучи употребата на војската.
– Можеби ќе треба да направиме нешто. Панамскиот канал е од витално значење за нашата земја. Со него управува Кина. Ние го дадовме Панамскиот канал на Панама, не ѝ го дадовме на Кина – нагласи тој.
Панамскиот канал е воден пат кој ги поврзува Атлантскиот и Тихиот Океан и бил изграден од САД на почетокот на 20 век. Каналот и беше предаден на Панама во 1999 година со договор од 1977 година.
Трамп во последните недели предизвика контроверзии со неговите предлози за територијално проширување на САД.