И покрај тоа што бесправната градба е кривично дело кое се казнува со затвор од 3 до 8 години и одземање на дивоградбата, во земјава и натаму се гради без да се добие соодветна дозвола од надлежните институции.
Лани, според податоците на Државниот завод за статистика, објавени денеска, се регистрирани 911 бесправно изградени објекти (дивоградби).
Најмногу ги граделе приватни лица (96,1%) кои претежно граделе куќи, згради, викендички, но и деловни објекти, гаражи, тераси и други помошни објекти.
Податоците покажуваат дека во овој период се изградени 169 објекти за домување или 18,6%. Во оваа категорија објекти спаѓаат куќи, станбено-деловни објекти и објекти за одмор и рекреација.
Дури 116 од дивоградбите регистрирани лани се деловни објекти, а 110 доградби се надградби и адаптации.
Лани без дозвола за градба се изградени 79 гаражи, 164 огради, 9 скалила, 6 тераси. 22 од дивоградбите се летни тераси, а 113 натстрешници.
Без дозвола се изградени и 17 времени објекти и 106 помошни објекти.
| Број | |
|---|---|
| Вкупно објекти | 911 |
| Објекти за домување | 169 |
| од тоа, исклучиво станбени | 128 |
| од тоа, претежно станбени | 24 |
| од тоа, за одмор и рекреација | 17 |
| Доградби, надградби и сл адаптации | 110 |
| Деловни објекти | 116 |
| Гаражи | 79 |
| Огради | 164 |
| Скалила | 9 |
| Тераси | 6 |
| Летни тераси | 22 |
| Настрешници | 113 |
| Времени објекти | 17 |
| Помошни објекти | 106 |




