Хрватската европратеничка Римана Јерковиќ се соочува со дисциплинска постапка во својата Социјалдемократска партија (СДП), откако „Политико“ објави дека на настан во Европскиот парламент во Стразбур во декември 2024 година учествувале нејзини блиски пријатели и членови на семејството, а трошоците биле пријавени како деловна посета посветена на здравствената политика.
Според документите што ги разгледал „Политико“, повеќе од десет лица допатувале од Хрватска и останале најмалку три дена. За настанот биле пријавени трошоци за патување, сместување и вечери во ресторани, при што фактурите за двете вечери изнесувале по околу 1.120 евра. Според лице запознаено со случајот, вкупниот трошок надминал 12.000 евра, додека Јерковиќ тврди дека изнесувал 8.218,45 евра.
Меѓу учесниците биле нејзината сестра Рената Јерковиќ, актерот Мирко Солдано и историчарот на уметност Теодор де Канзијани. Во списоците биле наведени како вработени или професори на Медицинскиот факултет при Универзитетот во Риека, но нивните имиња не се појавуваат на онлајн списокот на професори на факултетот. Друг учесник, партнерот на сестрата на европратеничката, бил наведен како лекар во Клиничката болница во Риека.
Лице запознаено со настанот изјавило за „Политико“ дека во текот на тридневната посета немало дискусии за политики и дека не биле резервирани сали за состаноци. Ова отвори прашања за оправданоста на трошоците, кои се покриваат од буџетот на Европската Унија.
Јерковиќ ги отфрли обвинувањата и тврди дека сите учесници имале легитимна причина да присуствуваат. Таа изјави дека сама ги платила трошоците за сестра ѝ, а за дел од пријавените учесници признала дека имало ненамерна административна грешка, која подоцна била пријавена кај надлежните органи.
Од политичката група на социјалистите и демократите (S&D), во која членува Јерковиќ, соопштија дека ги провериле документите и утврдиле дека финансиските правила биле почитувани.
Сепак, лидерот на хрватската СДП, Синиша Хајдаш Дончиќ, најави дека ќе побара покренување дисциплинска постапка со цел исклучување на европратеничката од партијата, наведувајќи ја штетата врз угледот и другите околности поврзани со случајот.
Случајот го отвори прашањето за контрола врз партие што политичките групи во Европскиот парламент ги трошат за студиски посети. Од „Транспаренси интернешнл ЕУ“ предупредија дека независниот надзор врз овие расходи е недоволен и побараа посилна финансиска контрола.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
