Градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, денеска учествуваше на 10-тата јубилејна Дримска конференција што се одржа во Струга, на која учествуваа високи претставници на институции од земјите во Дримскиот Басен, меѓународни организации и експерти од областа на управувањето со водните ресурси и заштитата на животната средина.
Во своето обраќање, Пецаков ја истакна важноста на регионалната соработка и заедничката одговорност во зачувувањето на природните вредности на Охридското Езеро и Дримскиот Басен.
„Чест и особено задоволство ми е што денеска сум дел од 10-та јубилејна Дримска конференција, настан кој претставува симбол на долгогодишната регионална соработка, заедничка одговорност и посветеност кон заштитата на едно од највредните природни богатства на Балканот.
Охридското Езеро и Дримскиот Басен не се само природни ресурси, туку непроценливо природно и културно наследство со исклучително значење за целиот регион и Европа. Овој екосистем претставува извор на живот, биолошка разновидност, економски развој и одржлив туризам, но истовремено и наша заедничка обврска кон идните генерации.
Како градоначалник на Охрид и како претседател на Советот на Југозападниот плански регион, сакам да истакнам дека локалната самоуправа активно и континуирано се залага за заштита на животната средина и одговорно управување со природното наследство на овој регион. Уште од иницијалната фаза на проектите за заштита на Охридското Езеро и управувањето со Дримскиот Басен, Општина Охрид ја дава својата целосна политичка и техничка поддршка на процесите кои се од исклучителна важност за зачувување на овој уникатен екосистем.
Посебно сакам да го истакнам интересот и посветеноста за заштита на водните ресурси во регионот, каде главен ресурс претставува реката Дрим и нејзините суб-басени: Охридското и Преспанското Езеро, како и Црн Дрим. Овој простор е дел од светското наследство под заштита на УНЕСКО и од Прекуграничниот биосферен резерват Охрид–Преспа, што дополнително ја нагласува нашата одговорност за негово зачувување.
Како локална власт, особено сме фокусирани на мерките за намалување на загадувањето на водите, како од дифузните извори, така и од урбаните средини. Во таа насока, Општина Охрид веќе реализира конкретни активности за уредување на атмосферските канали и зафати, како и за подобрување на инфраструктурата за управување со отпадните води, со цел директна заштита на езерскиот екосистем.
Ќе продолжиме активно да придонесуваме и како Општина и како Југозападен плански регион, во зајакнувањето на прекуграничната соработка во контекст на заштитата на водите во Басенот. Веруваме дека преку координирани и заеднички активности можеме да обезбедиме долгорочна заштита на природните вредности, но и значајни економски придобивки, особено во областа на одржливиот туризам и зелената економија.
Во наредниот период ќе се залагам и за ревитализација на Билатералниот комитет за заштита на Охридското Езеро, воспоставен врз основа на договорот за заедничка заштита со албанската страна. Сметаме дека ова претставува клучна платформа за координација, дијалог и развој на идните активности за заштита на езерото и Басенот.
Во однос на пристапот до финансиски средства за поддршка на проектите, Општината и Југозападниот плански регион веќе имаат стекнато значајно искуство. Подготвени сме тие искуства дополнително да ги унапредиме и заеднички да пристапиме кон донаторската заедница, со цел обезбедување средства за реализација на приоритетните мерки од Стратешкиот план за Дрим и Планот за управување со Охридското Езеро.
На крајот, уште еднаш сакам да ја изразам силната поддршка од страна на Општина Охрид и Југозападниот плански регион и да ја истакнам потребата од уште поинтензивна соработка, координирана акција и заедничка одговорност за успешна имплементација на предвидените мерки.
Само преку партнерство, доверба и заедничка визија можеме да го зачуваме Охридското Езеро и Дримскиот Басен како трајно наследство за идните генерации, истакна Пецаков во своето обраќање.
На отворањето на конференцијата свои обраќања имаа и заменик-претседателот на Владата на Република Македонија и министер за транспорт, Александар Николоски, како и претставници на институции и организации од Албанија, Косово, Црна Гора и Грција. На настанот учествуваат и претставници на УНДП, Економската комисија на Обединетите нации за Европа (UNECE), GWP-Med и други меѓународни партнери вклучени во процесите за заштита и одржливо управување со водните ресурси во Дримскиот Басен.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
