Background

Голем дел од Европа е зафатен од силен топлотен бран кој носи температури блиску до 40 степени Целзиусови, а во некои подрачја и повисоки

Голем дел од Европа е зафатен од силен топлотен бран кој носи температури блиску до 40 степени Целзиусови, а во некои подрачја и повисоки. Метеоролозите предупредуваат дека жештините ќе продолжат и во наредните денови, додека властите во повеќе држави издаваат предупредувања поради ризици за здравјето на населението, можни пожари и силни невремиња по завршувањето на жешкиот период.

Најтешко погодени се Франција, Шпанија, Италија и делови од Централна Европа. Во Франција се активирани највисоки нивоа на предупредување во повеќе региони, а температурите на места достигнуваат и надминуваат 40 степени. Поради жештините се откажуваат јавни настани, затворени се училишта, а железничкиот сообраќај се соочува со нарушувања поради прегревање на инфраструктурата.

Шпанија се соочува со првиот голем топлотен бран ова лето. Во поголем дел од земјата се активни портокалови и црвени предупредувања, а температурите во внатрешноста достигнуваат околу 40 степени. Властите предупредуваат на зголемен ризик од шумски пожари, додека жителите и туристите бараат засолниште од сонцето во најтоплите часови од денот.

- Advertisement -
Ad image

Во Италија се издадени црвени предупредувања за повеќе големи градови, меѓу кои Рим и Милано. Температурите од 36 до 40 степени создаваат проблеми во секојдневниот живот, особено во туристичките центри, каде што голем број посетители бараат разладување покрај фонтани и климатизирани простории.

Германија е под предупредувања за високи температури во речиси целата земја. Во некои региони се измерени и до 38 степени, а метеоролозите предупредуваат дека по екстремната жештина може да следуваат силни грмотевични невремиња со обилни врнежи и силен ветер.

Во Полска температурите се значително над просекот за овој период од годината, а жителите на Варшава и другите градови спас од горештините бараат покрај реките, езерата и зелените површини.

Особено тешка е состојбата во Хрватска, каде што топлотниот бран, според прогнозите, ќе трае најмалку уште една седмица и дополнително ќе се засилува. Државниот хидрометеоролошки завод издаде предупредувања за Славонија, загрепскиот регион, Истра и Кварнер поради високи температури и можност за силни бури. Температурите во најголем дел од земјата се движат меѓу 30 и 35 степени, а на поединечни локации и повисоко. Хрватските власти предупредуваат дека продолжената изложеност на сонце може да доведе до исцрпеност и топлотен удар, додека лекарите посочуваат дека особено се загрозени лицата со кардиоваскуларни, респираторни и хронични заболувања. Дополнителна загриженост предизвикува можноста по жештините да следуваат локални невремиња со грмежи, силен ветер и град.

Во Србија, Републичкиот хидрометеоролошки завод најави продор на многу топла воздушна маса од северна Африка. Температурите во повеќе делови од земјата достигнуваат од 30 до 35 степени, а во Белград и Војводина се очекуваат и таканаречени тропски ноќи, кога температурата не паѓа под 20 степени.

Словенија, која неодамна беше погодена од силни бури со град и оркански налети на ветер, повторно се наоѓа во зона на нестабилно време. Метеоролозите предупредуваат дека комбинацијата од жештина и навлегување посвеж воздух може да предизвика нови силни грмотевични процеси во делови од земјата.

Високи температури се регистрираат и во Австрија, Унгарија, Чешка, Романија, Бугарија, Грција, Португалија и други делови од Балканот и Централна Европа. Во Чешка се очекуваат температури до 36 степени, додека во делови од Романија и Бугарија прогнозите најавуваат вредности блиску до 38 степени.

Експертите предупредуваат дека ваквите топлотни бранови стануваат сè почести, подолготрајни и поинтензивни поради климатските промени. Покрај ризиците за здравјето на луѓето, жештините влијаат и врз економијата, транспортот, снабдувањето со електрична енергија и земјоделството.

Лекарите предупредуваат дека високите температури можат да ги влошат состојбите кај лицата со кардиоваскуларни, респираторни, бубрежни или ментални заболувања. Поради тоа, се препорачува редовно разладување на телото и внесување доволно течности, пред сè негазирана вода и нискокалорични пијалоци, а да се избегнуваат кофеин, алкохол и шеќер.

Здравствените власти низ Европа апелираат граѓаните да избегнуваат престој на директно сонце помеѓу 10 и 17 часот, да внесуваат доволно течности и редовно да го разладуваат телото. Посебно внимателни треба да бидат децата, бремените жени, постарите лица и хронично болните. Се препорачува носење светла и лесна облека од природни материјали, заштита на главата и избегнување алкохол, кофеин и засладени пијалаци. За лицата кои работат на отворено се препорачуваат почести паузи во сенка и редовен внес на вода во текот на денот.

ЗА НАС

ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.

© 2025 OhridSky. Сите права задржани.

Login to enjoy full advantages

Please login or subscribe to continue.

Go Premium!

Enjoy the full advantage of the premium access.

Stop following

Unfollow Cancel

Cancel subscription

Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.

Go back Confirm cancellation