Со порака дека ниту еден случај на фемицид не претставува изолиран инцидент или приватен семеен проблем, туку е краен резултат на континуирано родово базирано насилство кое општеството го игнорирало или релативизирало и не успеало навреме да го спречи, во Собранието денеска почна Регионалната конференција за фемицид во Југоисточна Европа.
На конференцијата беше нагласено дека секоја година повеќе од 50.000 жени и девојки се свирепо убиени од нивните партнери или од други членови на семејството.
Генералниот секретар на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) Феридун Синирлиоглу преку видео порака нагласи дека насилството врз жените не е само едно од најголемите повреди на човековите права, туку е закана за нашата колективна сигурност.
– Според податоците на Обединетите нации, секоја година повеќе од 50.000 жени и девојки се свирепо убиени од нивните партнери и од други членови на семејството. Овие цифри доволно го кажуваат фактот дека превенцијата и заштитните механизми сè уште не се ефикасни како што треба да бидат. Фемицидот останува лоша црта на сите општества и затоа се собравме тука, да разговараме за конкретни начини да ги подобриме нашите напори, за да се стави крај на фемицидот и да се изградат најиновативните практики – рече Синирлиоглу.
Тој истакна дека борбата против насилството врз жените е клучна и приоритетна за ОБСЕ, којашто е во темелите на неколку одлуки на Советот на министри во изминатите години. Додаде дека ОБСЕ ги удвои напорите да се бори против фемицидот, со тоа што ќе промовира подобрена размена на добрите практики. Исто така, во март 2025 година, Организацијата објави прв извештај за ОБСЕ за фемицидот, којшто вклучи и податоци за одговор и кривичната правда.
- Преку ангажманот на нашите денешни оперативци, ние даваме поддршка на локалните власти во борбата против фемицидот, вклучително и преку воспоставување на ефикасна заштита и превенција. Поддршката на иницијативата Femicide Watch, којашто е форум на високо ниво, со претседателство на Северна Македонија, е пример. Во нашата работа и многу значајни предизвици коишто ни претстојат, мораме да постапуваме јасно – рече Синирлиоглу.
Порача дека мора да се продолжи со партнерството за да се елиминираат сите облици на насилство врз жените и девојките и да трае борбата за родова еднаквост, којашто е релевантна во промовирањето на меѓународната безбедност.
Потпретседателката на Собранието Весна Бендевска истакна дека оваа регионална конференција претставува сериозна можност и платформа за дискусија во која ќе бидат вклучени политички претставници, претставници од правосудните институции, независни експерти и граѓанското општество од регионот и пошироко, што значи дека ваква дебата може да придонесе кон заедничко разбирање дека спречувањето на фемицидот бара трајна политичка посветеност и фокус, веродостојни податоци, посветени институции, транспарентност и сериозен мултидисциплинарен пристап и соработка.
- Фемицидот, односно родово базираното убиство на жени и на девојчиња, претставува најекстремна манифестација на насилство врз жените. На глобално ниво во 2024 година нотирани се 83.000 жртви жени и девојчиња, од кои 50.000 биле убиени од интимниот партнер или друг член на семејството. Тоа значи дека секој ден во просек по 137 жени и девојчиња се убиени од некој во семејството или најблиската околина – истакна таа.
Бендевска заклучи дека статистиката е поразителна и затоа фемицидот не смее да биде перцепиран како изолиран, спорадичен кривичен настан. Рече дека во најголем број случаи тоа е крајна точка на континуирано насилство на кое претходеле семејно насилство, закани, демнење, контролирачко поведение или други предупредувачки знаци.
- Ефикасната превенција на ваквите неповратни трагедии директно зависи од способноста на институциите навреме да ги детектираат и препознаат ризиците, да иницираат широка размена на информации и да водат кон координирана реакција кон секој случај поединечно – рече таа.
Бендевска оцени дека во последниве години земјите од Југоисточна Европа постигнале значителен напредок во однос на зајакнувањето на кривичното законодавство со воведување на дефиниции и посебни кривични дела поврзани со фемицидот и родово базираните убиства, воспоставување нови механизми и опсерватории заради унапредување на собирањето податоци и проценка на ризиците.
Сепак, додаде таа, различните законски дефиниции, фрагментираните податоци и нееднаквата примена на законите и понатаму претставуваат предизвик. Регионалното искуство сѐ појасно покажува дека доброто законодавство е неопходно, но само по себе, за жал, е недоволно.
Бендевска рече дека македонија го развива својот прв Femicide Watch механизам со поддршка од Мисијата на ОБСЕ, кој вклучува систематско следење и анализа на случаи на фемицид и обид за фемицид, следење на судскиte постапки и посебна јавна платформа. Додаде дека особено значаен е мултидисциплинарниот и мултисекторскиот пристап, а нивното поврзување овозможува да се препознаат предупредувачките знаци, да се утврди каде институционалниот одговор не бил соодветен и така научените лекции од поединечни случаи да се преточат во подобра превенција.
Бендевска нагласи дека за вистински приод кон решавањето на овој сериозен општествен проблем, сите мора најотворено да констатираме дека фемицидот како општествен феномен е огледало на затајување на одговорноста и на поединечен и на севкупен план, тоа е црна слика на модерното општество во 21 век.
– Зборовиве се тешки и болни, но се неопходни за да предизвикаат вистинска реакција од страна на општествениот и институционалниот систем. Затоа време е за акција. Ваквите размени на знаења и искуства можат многу да придонесат во подобрување на ваквата црна статистика – заклучи Бендевска на отворањето на Регионалната конференција за фемицид во Југоисточна Европа.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
