Француската влада најави значително зголемување на данокот на авио-билети, познат како „данок на солидарност на авионските билети“ (Taxe de Solidarité sur les Billets d’Avion, TSBA), што предизвика бурни реакции во авио-индустријата и меѓу патниците. Според предлог-буџетот за 2025 година, овој данок ќе се зголеми тројно, со цел да се собираат дополнителни милијарда евра годишно.
Според новите предлози, за летови во Франција и Европа, данокот на економската класа ќе се зголеми од 2,63 на 7,30 евра по билет. За бизнис класа таксата ќе биде 30 евра.
За интерконтиненталните летови таксата ќе се движи меѓу 15 и 40 евра, додека патниците од прва и бизнис класа ќе плаќаат до 120 евра дополнителни трошоци. Посебно е погоден деловното воздухопловство, каде се очекува таксите да се зголемат до 2.100 евра за летови на долги релации.
Владата ја брани оваа мерка како неопходна за намалување на буџетскиот дефицит и борба против климатските промени. Еколошките организации го поддржуваат зголемувањето на даноците, наведувајќи дека авионската индустрија долго време ужива даночни олеснувања и дека е време да се придонесе за намалување на емисиите на CO₂.
Авиокомпаниите и синдикатите изразија загриженост за планираното зголемување.
Ер Франс проценува дека ова зголемување ќе ја чини околу 300 милиони евра годишно, што може да доведе до повисоки цени на билетите и намалена побарувачка.
Синдикатот на пилотите „SNPL“ (Syndicat National des Pilotes de Ligne) најави можност за штрајк доколку предлогот не биде повлечен, нагласувајќи дека тоа може да доведе до намалување на бројот на летови и губење на работни места.
Нискобуџетните авиокомпании, како што е Ryanair, предупредија дека би можеле да го намалат бројот на летови од француските регионални аеродроми за 50% доколку се зголеми данокот, што негативно ќе влијае на достапноста на летовите и на регионалната економија.