Словачкиот премиер Роберт Фицо побара да се отстрани статуата на голиот американски претседател Доналд Трамп, поставена во Европскиот парламент во Стразбур, оценувајќи дека нејзиното изложување е „знак на пропаѓањето на целата Европска Унија“, пишува Политико.
Контроверзната скулптура, висока 2,6 метри, го прикажува Трамп целосно гол, покриен со златни листови, како седи врз рамената на изнемоштен човек, држејќи палка за голф и вага на правдата.
Делото на данскиот уметник Јенс Галшјот, насловено „Портокалова чума“, беше откриено во вторникот, а реакцијата на Фицо следуваше два дена подоцна.
Словачкиот премиер на социјалната мрежа Икс напиша дека, иако не се согласува со сите политики на Трамп, ваквото однесување кон американскиот претседател е неприфатливо.
„Навредувањето на нашите партнери во официјални простории покажува длабок неуспех да се разбере времето во кое живееме“, напиша Фицо.
Тој упати остри критики и кон раководството на Европскиот парламент, обвинувајќи го дека ја изгубило способноста да направи разлика меѓу политичка критика и навредување.
„Тажно е што раководството на Европскиот парламент, во своето слепило, повеќе не може да прави разлика меѓу легитимното право на различно мислење и постапките на духовно банкротирани поединци, авантуристи и лудаци“, порача словачкиот премиер.
Фицо праша и дали Европскиот парламент би дозволил слична скулптура на францускиот претседател или на германскиот канцелар.
Статуата е поставена на видно место на влезот во зградата „Винстон Черчил“, во близина на ходникот што ги поврзува канцелариите на европратениците и претставниците на Европската комисија со пленарната сала.
На нејзината плоча е испишана пораката: „Седам на грбот на човек. Тој тоне под мојот товар“.
Авторот Јенс Галшјот објасни дека со скулптурата сакал да предизвика дебата за политиките на американскиот претседател, особено за неговиот однос кон климатските промени.
Според уметникот, Трамп ја уништува можноста светот заеднички да се спротивстави на климатската катастрофа.
Данскиот левичарски европратеник Пер Клаузен, на чија покана скулптурата беше изложена во Парламентот, ја бранеше уметничката инсталација.
– Ако некој е толку чувствителен што не може да ја толерира оваа скулптура, тогаш нема место на светската сцена – изјави Клаузен.
Како што пренесува „Политико“, на откривањето на скулптурата посетителите барале минијатурни реплики од делото, кои биле поделени во неколку бои.
Фицо се сретна со Трамп во неговата резиденција Мар-а-Лаго во јануари, кога разговараа за продлабочување на соработката, вклучително и во областа на цивилната нуклеарна енергија.
Словачкиот премиер претходно го пофали и движењето МАГА, оценувајќи дека неговата политичка визија има значење и надвор од САД.
Скулптурата „Портокалова чума“ претходно беше изложена на протести во Копенхаген и на климатскиот самит КОП30 во Бразил, а следниот месец треба да биде претставена и на конференцијата КОП31 во Анталија, Турција.
Доналд Трамп засега не ја коментирал инсталацијата.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
