Филипче: Со Мицкоски странските инвестиции паднаа на само 18 милиони
Филипче: Со Мицкоски странските инвестиции паднаа на само 18 милиони.

Со Мицкоски странските инвестиции во Македонија паднаа на само 18 милиони евра во вториот квартал од 2026 година, од просечни 200 до 250 и повеќе милиони евра по квартал во 2024 година, нагласи претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, во интервјуто во емисијата „Само интервју“ на Канал 5. Филипче посочи дека податоците за странските инвестиции се директен показател за последиците од лошите економски политики на власта на ВМРО.
„Во 2024 година рекордна година, имаше 1 милијарда евра странски инвестиции, или квартално во просек 200 до 250 и повеќе милиони евра во текот на цела 2024 година, како резултат на кумулативните добри економски политики на нашата влада на СДСМ. Во 2025 година се 247 милиони евра, значи 750 милиони евра помалку странски инвестиции. Па како ќе работи економијата? Вториот квартал во 2026 година значи од години кога сме имале по во просек 250 милиони евра странски инвестиции, овој квартал благодарение на економските политики на Христијан Мицкоски и Гордана Кочовска само 18 милиони евра странски инвестции.“ рече Филипче.
Тој нагласи дека не станува збор за мало намалување, туку за драматична разлика во однос на нивото на инвестиции што се бележеше претходно, посочувајќи дека кварталниот просек од околу 250 милиони евра сега е сведен на 18 милиони евра.
„Значи не биле 20 милиони па да се намалат на 18 или 50 или 60 или 100 милиони. Биле 250 милиони евра, втор квартал 2026 годна 18 милиони евра.Еве толку од успешните политики на оваа Влада, останавме без странски инвестиции“ рече Филипче.
Филипче укажа дека блокираниот европски пат има и директни економски последици, особено врз интересот на странските инвеститори и можностите за развој на бизнисите.
„Затоа што поради несигурноста на регионот, поради вакви изолационистички политики на Мицкоски не сакаат странските инвеститори да дојдат. Затоа паѓаат странските инвестиции“ рече Филипче.
Говорејќи за економската состојба и нивото на странски инвестиции, Филипче потенцираше дека состојбата со странските инвестиции и со другите економски показатели е последица на неодговорните и лоши политики на Владата на ВМРО. Тој посочи дека власта манипулира со податоците, додека реалноста што ја живеат гаѓаните поразителна. Во тој контекст Филипче како пример го посочи нивото на бруто-домашниот производ, за што нагласи дека растот на БДП не може да се гледа изолирано од растот на цените и личната потрошувачка.
„Знаете зашто расте бруто домашниот производ? Затоа што две третини од структурата на бруто домашниот производ е личната потрошувачка и бруто-домашниот производ расте меѓу другото поради тоа што е се поскапено. Затоа расте БДП, и од еден единствен голем проект кој што добро функционира, а тоа е Бехтел и Енка за кој што Мицкоски кажуваше дека е голем криминал. Да потсетам зашто не го прекина ако беше толку голем криминал?“ рече Филипче.