Филипче: Наместо 200 милиони евра од ЕУ, само 65 милиони евра, Владата на Мицкоски не работи за Европа
Владата на Мицкоски со неспроведување на реформите го блокира европскиот план на државата, ја лиши Македонија од речиси 200 милиони евра европски средства, обвини претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција.
„Наместо 134 милиони евра, плус 60 милиони од незавршените обврски од 2024 година, сега ние да ги добиеме, ако оваа Влада имаше вистинска намера и капацитет и работеше добро, можевме да добиеме близу 200 милиони евра, а добиваме само 65“, рече Филипче.
Филипче предупреди дека постои ризик државата да остане надвор од идните европски буџетски рамки.
„Сакам да укажам и да ги предупредам граѓаните да бидат свесни дека ова можеби се едни од последните пари што ги добиваме од Европската Унија. Сега кога Европската Унија ги прави следните буџети, кои се прават за седумгодишни периоди, а ние не правиме чекор напред кон Европската Унија, можно е воопшто да не влеземе во новото буџетирање на Европската Унија“, потенцираше претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Филипче ја обвини власта дека креира лажна слика во јавноста, нагласувајќи дека не е важно споредувањето со другите земји, туку неискористениот потенцијал на државата.
„Ако ние имаме простор да заработиме, односно да добиеме над 200 милиони евра од Европската Унија, а сме добиле само 60, воопшто не е битно дали некоја друга земја има повеќе или помалку од нас. Ете, тоа е суштината. Ете, тоа е суштината на пропагандата, лажните вести и креирањето лажна слика за која оваа власт сака да се зборува, целосно надвор од вистинскиот контекст. Во 2024 година завршени се само близу 50% од реформите. Во првата половина на 2025 година, 25% од реформите, а во втората половина, заклучно со 10 декември 2025 година, само 16% од реформите. Тоа што сме зеле само 60 милиони од можни 200 говори дека Владата на Христијан Мицкоски не работи на европскиот пат“, посочи Филипче.
Линк до видео: https://www.youtube.com/watch?v=29ZPNCJXnJg