Охрид, 17 април 2026 година. Во просториите на Хотел Палас , хотел кој стои затворен повеќе од дваесет години се одржа годишното акционерско собрание на АД Охрид Турист. Нотарски заверен записник од 36 страни под ОДУ број 372/26 го документира она за кое многумина долго шепотеа: систематско уривање на компанија со повеќе од 50 милиони евра капитал, со бројот на вработени намален од 400 на само 15 лица.
Ова не е приказна за деловен неуспех. Ова е приказна за организиран криминал во светло на денот, со аминување на државата.
Мнозинскиот акционер М6 на Светозар Јаневски со 52% од акциите ги донесува сите клучни одлуки во АД Охрид Турист. На секое собрание, без исклучок, гласањето завршува идентично: 87.738 гласови ЗА наспроти 51.231 ПРОТИВ. Аритметиката на моќта е бескомпромисна , доминантниот сопственик одлучува, останатите само гледаат. OhridSky
Акционерот Екстра Скопско обвинува дека раководството нема развоен концепт и само сака да го распродаде имотот, а одборот на директори постапува координирано во корист на М-6. OhridSky
Новиот состав на одборот на директори само ја потврдува оваа слика. Наместо претходните членови, нови членови на одборот станаа Драгана Јаневска , ќерката на Светозар Јаневски , како и Кастриот Арифи и Искра Клинчарова, кои доаѓаат директно од М6 Инвестиции. Оливера Ставрова, инаку менаџер за финансии во ВВ Тиквеш , друго претпријатие на М6 , останува генерален директор. Faktor
Со еден збор: компанијата ја управуваат луѓе на М6, во интерес на М6.
Генералниот директор Оливера Ставрова на собранието ја претставуваше финансиската слика за 2025 година. Површно, бројките изгледаат позитивно: вкупна актива од 2.267.134.492 денари и добивка од 2.969.912 денари.
Но акционерите не се за. Акционерот Џемал Рахман директно укажа дека ставката „градежни објекти” , наместо да расте поради обврзните инвестиции на закупците , паднала за стотици милиони денари. Одговорот на Ставрова: амортизација. Но амортизацијата е пресметковна категорија, не реален одлив на пари , и нејзиното намерно нагласување директно ги намалува и видливата добивка и капиталот на друштвото.
Уште позагрижувачки е фактот дека во структурата на пасивата постои пренесена загуба од скоро 27.834.705 денари која тивко чека покривање. Иако во тековната година постои добивка, реалната слика е дека друштвото не може законски да исплати дивиденда додека не се покрие оваа загуба.
На собранието директно беше поставено прашање: дали инвестициите на закупците воопшто се прикажани во завршната сметка? Одговорот беше нејасен. Сашко Денесовски, полномошник на акционерот Ѓоргиевски, не го крие своето сомневање:
„7 милиони евра ви се во кампот инвестирани , како да не еинвестирано? Годинава 2 милиони инвестирано , кај ти се овде во завршна?”
Прашањето е јасно: дали Оливера Ставрова намерно ја искривува финансиската слика за да го намали и капиталот и добивката на друштвото, во корист на доминантниот сопственик М6? Ако одговорот е да , тоа не е книговодствена грешка. Тоа е кривично дело.
Хотел Палас е изграден во 1958 година. Прогласен е за споменик на културата. Се наоѓа во срцето на УНЕСКО заштитениот Охрид. И стои затворен повеќе од две децении.
Потрошени се 200.000 евра без видлив резултат за Хотел Палас, а прашањето за неговата иднина останува без одговор. На собранието акционерот Џемал Рахман со горчина забележа дека Палас дури во 2026 година добил клозети , прв пат откако постои. Ова не е метафора. Ова е буквалната состојба на некогашниот симбол на охридскиот туризам. OhridSky
„ОхридТурист” не е само уште една компанија. Тоа е идентитет на Охрид, на Македонија. И тој идентитет намерно се уривa. OhridSky
М6 донесе одлука за продажба на хотел Десарет во Пештани за 11,97 милиони евра, без да обезбеди согласност од останатите акционери. Ваквата одлука директно го прекршува Статутот на акционерското друштво, кој бара согласност од 70% од акционерите за вакви значајни одлуки. OhridSky
Манипулациите со проценки резултирале со потценување од 11 милиони евра на имотот само на Хотел Десарет. Со еден збор , продавале за 12 милиони она што вреди 23 милиони. Каде ќе отидела разликата? OhridSky
Апелациониот суд Битола со решение ТСЈ бр.239/24 од 24.12.2024 година го забрани спроведувањето на одлуката за продажба на Хотел Десарет. Судот запрел. Но М6 продолжувал да притиска. OhridSky
На собранието од 17 април 2026 година присуствувал Томе Трпоски , државен правобранител на РСМ за подрачјето на Охрид. Тој е претставник на државата, чувар на јавниот интерес. Но присуствувал без полномошно за гласање.
Ова е правно скандалозно од повеќе причини.
Прво: Државата е акционер во Охрид Турист. Нејзиниот претставник дојде без овластување да гласа , со што de facto ги предаде правата на државата и на граѓаните.
Второ: Законот за Државно правобранителство е јасен. Доколку државен службеник во вршењето на должноста забележи основано сомневање за кривично дело , должен е веднаш да го извести Јавното обвинителство. Томе Трпоски седел пет часа на собрание на кое акционерите меѓусебно разменувале директни обвинувања за криминал, за фалсификување документи, за непочитување на судски одлуки, за намерно уривање на компанија. И заминал молчешкум.
Сашко Денесовски му се обратил директно:
„Доколку во иднина Правобранителот се однесува без никакво овластување, јас му кажувам пред сите овде, пред цела македонска јавност, дека јас исто така ќе му напердашам неколку кривични дела против него.”
Реакцијата на правобранителот? Воздржување.
Државниот правобранител кој гледа криминал и молчи не е неутрален. Тој е соучесник.
Записникот е преполн со референци кон правосилни судски одлуки кои едноставно не се спроведуваат:
Кире Колески директно прашува: „Имаш пресуда за времена мерка. Имаш за статусни промени. И вие не ги почитувате.”
Кога правосилна пресуда на Врховен суд е само лист хартија, не владее правото , владее моќта. А моќта, во овој случај, се вика М6.
Мур Стивенс ДОО Скопје ја ревидира Охрид Турист веќе со години. На секое собрание, со мнозинство на М6, повторно се бира истата куќа. Џемал Рахман со горчина констатира дека Мур Стивенс го „почна директно само со две ставки , два милиони евра” и дека друштвото никогаш претходно не било блокирано , а сега е блокирано.
Ревизорот кого го избира и плаќа доминантниот сопственик не може да биде независен. Тоа не е ревизија , тоа е легализација на сметководствената манипулација.
Цемал Рахман, акционер чии татко, дедо и прадедо работеле на Палас, со болка кажува дека претходната вечер пред собранието разговарал со кувар – шеф на кујна – кој му рекол: „Директоре, бегам во Хрватска.”
Охрид Турист имал 400 вработени. Денес има 15. Тоа е 97,5% намалување на работни места во компанија која не работи со загуба, туку со добивка. Тоа не е пазарна логика. Тоа е намерно испразнување.
Неуспехот на ова собрание е победа на правдата и знак дека акционерите не ќе дозволат понатамошно уништување на АД Охридтурист. Време е надлежните органи да реагираат и да ги санкционираат овие очигледни злоупотреби пред да биде премногу доцна за спасување на оваа важна македонска компанија. Светозар Јаневски и М6 не можат да бидат над државата , време е за Јавно обвинителство за гонење на организиран криминал. OhridSky
АД Охрид Турист е огледало на Македонија. Компанија со 50 милиони евра капитал, со историски имот во УНЕСКО заштитен град, со потенцијал за стотици работни места , систематски се урива.
Играчите се познати: М6 и Светозар Јаневски кои ја контролираат компанијата и диктираат одлуки; Оливера Ставрова која ги прикажува финансиите на начин кој ги намалува и добивката и капиталот; одборот на директори составен исклучиво од луѓе на М6 и семејството Јаневски; и државата која е присутна, гледа, слуша , и молчи.
Записникот ОДУ 372/26 не е само документ за едно собрание. Тој е обвинителен акт против системот. Систем во кој олигархот одлучува, директорот ги прикрива бројките, правобранителот седи скрстени раце, а градот плаќа со работни места, со затворени хотели и со пропаднат туристички идентитет.
Каде е државата? Каде е Јавното обвинителство? Каде е ДКСК?
Ако и по овој записник нема реакција , одговорот е јасен: државата не е жртва на олигархијата. Државата е нејзин партнер.
Текстот е подготвен врз основа на нотарски заверен записник ОДУ бр.372/26 од Акционерско собрание на АД Охрид Турист Охрид, одржано на 17.04.2026 година, пред Нотар Васко Паскали – Охрид, и врз основа на јавно достапни објави на медиумот OhridSky.

Tagged as:
акционерско собрание Десарет државен криминал јавно обвинителство Корупција криминал М6 Оливера Ставрова олигархија Македонија Организиран криминал Македонија охрид Охрид Турист Палас Охрид пљачкосување имот приватизација Македонија Светозар Јаневски судски одлуки туризам Охрид УНЕСКО Охрид уривање на компанија
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
