Европската Унија продолжува да склучува договори и да финансира нови рударски проекти со цел да придобие критични суровини кои се неопходни за европската индустрија, во одбраната, зелената транзиција и за потребите на вештачката интелигенција. Последно, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен при посетата на Гренланд потсети дека Брисел во регионот финансира развој на два рударски проекта за критични суровини.
Македонија исто така поседува огромни ресурси на критични минерали, но не се многу потврдените наоѓалишта во кои има сериозна инвестиција за нивна експлоатација. Во Стратегијата за минерални суровини 2026-2046 експертите ги повикаа надлежните да го промовираат македонското рударство и да се приклучат во намерите и целите на Европската Унија. Сепак, кај нас единствената инвестиција во ископ на критична суровина во моментов останува рудникот за бакар во Иловица, со проценето производство од 16.000 тони годишно – проект тежок 350 милиони евра за првите две години од изградбата на постројката.
Европската Унија сега разгледува 160 апликации од вториот повик за финансиска поддршка за нови рудници за ископ на критични суровини и за центри за нивна преработка. Резултатите се очекува да бидат објавени оваа есен. Во меѓувреме, ЕУ мобилизираше нов пакет за партнерство во вредност од 200 милиони евра за инвестиции во Гренланд. Со него се предвидуваат нови економски можности за локалното население, истовремено придонесувајќи кон одржлив и просперитетен регион. Воедно, партнерството ЕУ-Гренланд ќе го унапредат одржливите рударски проекти поврзани со европската индустрија. Поддршката, како што е најавено, ќе биде обезбедена преку техничка анализа и поврзување со инвеститори и ќе придонесе за посилни, поинтегрирани и поотпорни вредносни синџири на снабдување.
Таков е проектот за графит „Амитсок“, кој се посочува како конкретен пример за „заемно корисно партнерство“. Како стратешки проект на ЕУ, според Директивата за критични суровини, тој го покажува потенцијалот за интегрирани вредносни синџири Гренланд-ЕУ, зајакнување на безбедноста на снабдувањето и поддршка на инвестициите.
– Сите знаат дека Гренланд располага со огромни ресурси. Се согласивме дека тие треба да се искористат за создавање додадена вредност, работни места и економски раст овде во земјата. Токму со таа визија работиме на два големи проекта. Првиот е проектот за ископ на молибден „Малмбјерг“. Тој би можел да прерасне во еден од најголемите потфати на Гренланд и – доколку правилно го спроведеме – да генерира до 90 милиони евра годишно за земјата како додадена вредност. Исто така, ги финансираме и подготовките за проектот за графит „Амитсок“ на компанијата „ГринРок“, кој е исто така многу важен проект во областа на критичните суровини – изјави неделава претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен при посетата на Гренланд.
Додека ЕУ развива рударски проекти, експертот металург и универзитетски професор Горан Начевски, во интервју истакна дека Македонија има долга рударска традиција и располага со значајни резерви на бакар, олово, цинк, никел, железо, како и на благородните метали злато и сребро. Според него, особено внимание во последната деценија привлекуваат бакарните лежишта, бидејќи бакарот е еден од клучните метали за енергетската транзиција и електрификацијата. Тој додаде дека проектот Иловица претставува една од најголемите потенцијални рударски инвестиции во Македонија во последните децении и неговото значење се огледува во можноста за отворање нови работни места, зголемување на извозот, приходи во државниот буџет, локален економски развој и интеграција на земјата во европските синџири за снабдување со критични суровини.
– Македонија сè уште не е активен играч во глобалната трка за критични минерали, но поседува значајни геолошки потенцијали кои можат да ја позиционираат како регионално важен снабдувач на одредени метални суровини. За жал, кај нас сè уште металургијата и рударството не се третираат како стратешки сектори во функција на економскиот развој, енергетската транзиција и интеграцијата во европските синџири на снабдување. Дополнително, иднината на металургијата и рударството кај нас зависи од способноста да се интегрираат еколошките стандарди со еколошко прифаливи и дигитални технологии, како би можеме да обезбедиме конкурентност и да ја позиционираме Македонија како доверлив партнер во европските и глобалните синџири на снабдување со потребните критични метали – оценува Начевски.
Со европски пари веќе се финансираат проекти за одржливо рударство за критични суровини од Португалија до Финска. Во регионот, со најмногу проекти поддржани од Брисел предничи Грција, а на пат кон реализација е проектот за вториот по големина рудник за бакар во Европа, во Романија, кој исто така е означен како „стратешки“ од страна на Брисел.
Tagged as:
ЕУ НЕ ШТЕДИ ЗА НОВИ ПРОЕКТИ ЗА ИСКОП НА КРИТИЧНИ СУРОВИНИ
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
