Одлуката за ограничување на бруто профитната маржа на основните прехранбени производи и дел од средствата за хигиена и одлуката за утврдување на највисоки цени на осум групи на прехранбени производи завршуваат на крајот на овој месец. Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши вели дека ќе се следи ситуацијата и доколку има потреба, ќе бидат донесени други мерки.
– Ние ќе ја следиме ситуацијата, ако случајно се зголемува инфлацијата, ќе постапиме соодветно и ќе донесеме други мерки – рече Дурмиши на денешната прес-конференција.
Според него, двете мерки ги дале очекуваните резултати затоа што според податоците на Државниот завод за статистика во март инфлацијата бележи намалување на годишно ниво од 2,7%, а во однос на февруари дефлација од 1,3%.