Директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР, Александар Јанев, откри дека директорот на Геријатриската болница „13 ноември“ примил поткуп од 20.000 евра.
„Девастираниот систем мора да го вратиме и ќе го вратиме во функција. За жал, кога сѐ уште владее национална тага, некои поединци се осмелуваат нелегално да профитираат.
Во координирана акција со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, приведени се две лица, меѓу кои и директор на здравствена установа, поради сомнение за примање поткуп во износ од 20.000 евра.
Директорот, заедно со посредник, барале и примиле поткуп за сместување болно и неподвижно лице во геријатриска установа“, напиша Јанев на социјалните мрежи.